Фото: Маја Јаневска-Илиева

За да се сфати тежината на случувањата со поделбата на имотот на поранешна СФРЈ, експертите го посочуваат фактот дека имотот на некогашна Австро-Унгарија до ден-денешен не е поделен, а во уште полоша состојба е процесот меѓу Индија и Пакистан за кој може да се каже дека воопшто не е ни започнат. Во таа насока тешко е да се процени колку вреди колачот на Македонија од наследството од СФРЈ

Прашањето за сукцесија и поделба на имотот на поранешна СФРЈ не е решено речиси три децении.
На оваа тема многу малку се говори кај нас иако прашањето константно е активно кај соседните земји, кои потекнуваат од поранешна Југославија, од каде што главно и пристигнуваат сите информации поврзани со поделбата на имотот на некогашната заедничка држава. Зошто кај нас се маргинализира едно вакво важно прашање и нема проток на информации од прва рака? Колкава е вредноста на имотот што се дели и колку од тоа ѝ припаѓа на Македонија?

Никола Тодорчевски, поранешниот македонскиот амбасадор во Бугарија и во Албанија и некогашен делегиран член на Комисијата за сукцесија на имотот на СФРЈ од македонска страна, вели дека процесот за поделбата на имотот на заедничката држава е навистина комплициран. За да се сфати тежината на случувањата со поделбата на имотот на поранешна СФРЈ, кои се одвиваат приближно 30 години, може да се спореди со фактот дека имотот на некогашна Австро-Унгарија до ден-денешен не е поделен, а во уште полоша состојба е процесот меѓу Индија и Пакистан за кој може да се каже дека воопшто не е ни започнат.

Дипломатот вели овој процес дополнително трае навидум бавно и долго бидејќи тој е преобемен и во него се судираат секакви политички и економски интереси на засегнатите страни, односно републиките, како и оние на одредени институции на меѓународната економска заедница.

Тодорчевски потсетува дека сукцесијата на југословенскиот имот едновремено била блокирана повеќе од 9 години, бидејќи една од државите од некогашна СФРЈ, односно Србија, во процесот тврдеше дека е единствен наследник на имотот на Југославија.
Но по смената на Слободан Милошевиќ, белградските власти започнаа конструктивна дебата од која произлезе и договорот за сукцесија во 2001-та со кој започнаа да се раздвижуваат настаните од оваа проблематика.

Дипломатот истакнува дека вкупни бројки на процена на имотот на некогашната заедничка држава е ирелевантен за проценување бидејќи самата материја е тешка да се одгатне, бидејќи ги допира одредените сфери на дејствување на земјите за кои практично не може да се дознаат вистинските факти.

Осврнувајќи се на долгогодишниот процес, дипломатот вели дека процесот со Југославија е еден од ретките примери во меѓународната политика каде што по цивилизиран пат и врз основа на документи и меѓународни договори овие настани се започнати, и се очекува да бидат најдемократски надминати и решени.
– Доброто во овие случувања е што никој нема да испадне победник, но истовремено и никоја од земјите нема да биде фрлена во очај и запоставена во враќањето на своите вложувања во некогашна Југославија – заклучува дипломатот.

Во меѓувреме, последен случај што го сврте вниманието, беше публикуваната информација на генералниот секретар во српското МНР и претставник во Мешовитиот комитет за распределба на дипломатскиот и конзуларниот имот на поранешна СФРЈ, Вељко Одаловиќ, кој за медиумите изјави дека е завршена поделбата на објектот во Атина меѓу Србија и Македонија.

– Објектот е поделен меѓу Србија и Македонија, што претходно, од повеќе причини, не можеше да се направи – изјави Одаловиќ за Танјуг, објаснувајќи ги одлуките од неодамна завршениот состанок на Мешовитиот комитет во Белград, кој, како што кажа, „се состана по седум години, носејќи повеќе конкретни одлуки“.
Тој наведе дека во Африка, Азија, Латинска Америка и во некои други земји постојат објекти што чекаат на одлуките за сукцесија, а Србија плаќа одржување на околу 15 до 20 дипломатски објекти во повеќе земји.

Запрашан за судбината на сликите и уметничките дела од дипломатските претставништва на Југославија, Одаловиќ истакна дека постои посебна комисија што се занимава со ова прашање во рамките на мешовитата комисија.

– Кому ќе му припадне објектот, таму оди и сликата. Таму каде што има заеднички објекти или се продаваат, сликите се пренесуваат и се предмет на посебна поделба. Првиот критериум е земјата на авторот, бидејќи тие се главно слики од автори од нашите земји – рече Одаловиќ, кој додаде дека Интерпол води истрага за околу 50 уметнички дела што не биле пронајдени.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како што најави српскиот политичар, нов состанок на Мешовитиот комитет за распределба на дипломатскиот и конзуларниот имот на поранешна СФРЈ ќе се одржи кон крајот на февруари идната година во Сараево.
Инаку, распределбата на целиот недвижен и движен имот на поранешна СФРЈ е регулирана со Спогодбата за прашањата за сукцесијата склучена меѓу државите-наследнички на СФРЈ во Виена на 29.7.2001 год. и ратификувана од Собранието на Република Македонија на 30.1.2002 год.

Поделбата е прецизирана во осум анекси: движен и недвижен имот, дипломатски и конзуларен имот, распределба на оружјето на некогашната Југословенска народна армија (ЈНА), финансиските побарувања и долгови, архивот, пензиите, долговите и приватниот имот.

Во контекст на актуелните случувања, побаравме информација од македонското министерство за надворешни работи поврзана со тоа колкав имот останува да се распредели од Југославија, до каде е процесот, колкава е неговата вредност, колку Македонија веќе добила од имотот и колку во иднина треба да добиеме.
Но, за жал, до затворањето на денешното издание на весникот не добивме одговор на поставените прашања.

Универзитетскиот професор, поранешен министер и гувернер, Љубе Трпески, кој во 1990-тите беше преговарач во македонската комисија за сукцесија на имотот на СФРЈ, вели дека од денешна перспектива тешко е да се процени вкупната вредност на имотот на Југославија и колкав колач од сето треба да земе Македонија и колку временски би требало тој процес да трае.

Трпески истакнува дека од севкупниот заеднички имот на Југославија на нашата држава ѝ следува вкупна квота од 5,4 проценти, која во минатото ја одредила светската меѓународна институција ММФ.


Што има добиено досега Македонија

За потсетување, според досега објавените податоци во овие две декади од досегашната поделба на финансискиот колач, Македонија има добиено 24 милиони американски долари на име злато, акции и депозити од банката во Базел, 5,5 милиони долари монетарно злато и во мај 2003 г. пристигнатите средства од депозитите на Народната банка на поранешна СФРЈ лоцирани во комерцијалните банки во Соединетите Американски Држави.

Натаму, повеќе од половина од дипломатско-конзуларниот имот на СФРЈ веќе е распределен меѓу државите-наследнички, а Република Македонија доби имоти во Париз, Рим, Атина, Цирих, Канбера и финансиски средства од продажбата на резиденцијата на СФРЈ во Њујорк, и во понатамошната распределба очекува да ѝ припаднат и други имоти, вклучувајќи и финансиски средства од заеднички продажби на имоти, договорени меѓу државите-наследнички.

[email protected]