На спортските терени често сме сведоци на неверојатни приказни „раскажани“ од врвните спортисти кај кои, веројатно, е најголемиот притисок. Но веројатно кај нив е и најдобриот одговор на поставениот предизвик. Спортските кариери, воопшто спортските патишта на поединците, тимовите, клубовите, не се со постојан напредок, напротив, тие се испреплетени со успони и со падови. Една насока, кога треба да се менаџира моментот кога спортското одење ќе тргне по една надолна линија во кариерата е дека „не се работи за тоа како сме паднале, туку за тоа како ќе станеме“. Примери има многу, а тоа е нешто што ги издвојува најдобрите од одличните. Тоа веројатно ја прави разликата и на други спортски нивоа. А успешните во спортот испраќаат и порака за единствениот пат кон успехот – илјадниците часови напорна работа зад себе, беспрекорната организација, максималната волја, големиот ентузијазам, силните карактери… за потоа само на изглед лесно да победуваат
„Врз мене се става голем притисок, но јас не ставам притисок врз себе. Чувствувам дека ако ја играм мојата игра, сѐ ќе се среди“, вели славниот кошаркар во американската НБА-лига, Леброн Џејмс. На истата тема, Томи Ласорда, некогашниот тренер на бејзбол-клубот Лос Анџелес доџерс, вели: „Притисок е збор што често погрешно се употребува. Кога ќе почнете да размислувате за притисокот, тоа е поради тоа што сте почнале да размислувате за неуспех“.
Зборот притисок често доминира во насловите или во приказните за спортските настани. А на самите спортски терени често сме сведоци на неверојатни приказни „раскажани“ од врвните спортисти кај кои, веројатно, е најголемиот притисок. Но веројатно кај нив е и најдобриот одговор на поставениот предизвик.
Еден таков одговор се случи пред десетина дена, кога тенисерот број еден во светот, Србинот Новак Ѓоковиќ одигра епски натпревар со најтрофејниот гранслем-освојувач, Швајцарецот Роже Федерер, во финалето на неофицијалното светско првенство во тенис на трева, гранслем-турнирот во Вимблдон, во Лондон.
Спасувајќи две меч-топки на противникот и потоа добивајќи го дуелот во историскиот новововеден тај-брејк, Ѓоковиќ одржа нова лекција по ментална цврстина, покрај таа за спортска работливост, истрајност, мотивираност, фокусираност.
Многумина велат дека не постои нешто такво како притисок во спортот. Други, пак, сметаат дека во спортот „притисокот не е секогаш лоша работа, особено не кога правилно се менаџира и се канализира“. Трети велат дека нешто што функционира за еден спортист, не мора да функционира за друг спортист. Итн.
„Притисокот не е ништо друго освен сенка на големата шанса“, вели Мајкл Џонсон, познатиот американски атлетичар. Роберт Хори, пак, славниот НБА-кошаркар (еден од двајцата со титули со три клуба – по две со Хјустон и со Сан Антонио и три со Лос Анџелес лејкерс), вели: „Притисокот може да пукне цевка, но може и да создаде дијамант“. За тоа како тој се справувал со притисокот можеби доволно зборува и прекарот што го има, „Биг шот Боб“, поради постигнатите решавачки поени под притисок во доцни делови од важните натпревари.
Еден од најдобрите светски одбојкари во 70-тите години од минатиот век, Владимир Богоевски, опишувајќи накратко што се случувало со вардарци кога беа четврти во Купот на шампионите на Европа во одбојка пред четири децении вели: „Не бевме ни свесни колку добро играме, но бевме супериорни и физички и ментално“.
Една од дефинициите за притисок е дека тоа се „фактори или комбинација од фактори кои ја зголемуваат важноста за добар спортски настап на одреден натпревар“. Многумина велат дека притисокот најчесто е имагинарна работа, внатрешно чувство. Како и да е, поредокот во светскиот спорт, секако потоа и во регионалниот, локалниот, го одредуваат и тие што не им затреперува раката во клучни моменти, на други нивоа и тие што имаат визија, тие што имаат сила за постојана работа, волја за повторни искачувања, идеи за иновации, за наоѓање патишта, посветеност, план, методи…
Спортските кариери, воопшто спортските патишта на поединците, тимовите, клубовите, не се со постојан напредок, напротив, тие се испреплетени со успони и со падови. Една насока, кога треба да се менаџира моментот кога спортското одење ќе тргне по една надолна линија во кариерата е дека: „не се работи за тоа како сме паднале, туку за тоа како ќе станеме“.
Ѓоковиќ, како најсвеж пример, со својата досегашна кариера го потврдува и делот за цврстината и за одличното менаџирање со притисоците, како и делот за падот и за станувањето. И не само тој. Примери има многу, а тоа е нешто што ги издвојува најдобрите од одличните. Тоа веројатно ја прави разликата и на други спортски нивоа, па ги раздвојува одличните од многу добрите, многу добрите од солидните…. Така, одењето напред и држењето на својот правец, својата спортска филозофија, е нешто што раѓа идеи, тоа носи напредок, сето тоа дава спортски развој.
А успешните во спортот испраќаат и порака за единствениот пат кон успехот – илјадниците часови напорна работа зад себе, беспрекорната организација, максималната волја, големиот ентузијазам, силните карактери, за потоа само на изглед лесно да победуваат.