Учесниците на Европската конференција за блатни екосистеми што се одржа во Охрид едногласно ја усвоија декларацијата за заштита на екосистемот на Охридско Езеро.
Во декларацијата се констатира немерливата вредност на Охридско Езеро поради неговото богатство со биолошка разновидност, како 1,6 милион години стара реликвија што создала уникатна средина со голем број ендемични видови. Документот констатира дека езерото сѐ уште е во извонредна состојба, но постојаниот внес на отпадни води претставува сериозна закана по неговиот квалитет.
Што се однесува до Студенчишко Блато, тоа се посочува како „илјадници години стар природен воден филтер со илјадници птици, ендемски видови, зародок на живот, чувар на микроклимата – срцето на езерото“. Истовремено се констатира дека последното живо блато на македонскиот брег од езерото бележи евидентна деградација, последица на низа деструктивни активности последните 50 години, од која последната е скорашната изградба на широка асфалтна патека што го нарушува неговото хидролошко единство со Охридско Езеро.
– Остатокот од Студенчишко Блато е суштински важен и многу вреден поради биолошката разновидност, добро одржаните неколкуметарски слоеви тресет, единствениот целосно функционален блатен систем што се граничи со Охридско Езеро и обезбедува многубројни екосистемски услуги (прочистува, штити итн.), а неговиот загубен дел може лесно да се ревитализира – стои во документот.