Тошо Филиповски, музички новинар и директен учесник во создавањето на македонската рокенрол-сцена, вчера на ден пред својот роденден, на платото пред МКЦ го претстави првиот том на „Македонската рок-енциклопедија“, на кој работеше цели 6 години.

Овој редок настан привлече македонски рокери од повеќе генерации од целата земја во голем број да дојдат на промоцијата, не криејќи дека се чувствуваат гордо што се дел од ова капитално дело за македонската рок-музика, но и за културата воопшто. Потег што несомнено ќе остави големи траги на музичката сцена, бидејќи на своевиден начин го обедини, валоризира и нѐ потсети на она што со години го создаваа македонските рок-музичари. Имаше многу емотивни средби, пријателски прегратки, фотографирање и многу сеќавања на почетоците и на најзначајните мигови на македонскиот рокенрол.

А меѓу реакциите на социјалните мрежи можеше да се прочита и „Тошо Филиповски е рокенрол“, „Тошо ти благодариме во име на сите рокенрол-вљубеници“, а имаше и предлози од присутните да му се оддолжат на Тошо со песна што ќе ја напишат за него. А самиот автор запрашан кој бил мотивот да се зафати со реализацијата на едно вакво обемно дело, вели дека тоа била неговата желба да им изрази почит на сите оние луѓе што во изминатите 55 години ја создавале македонската музичка историја, поточно од 1963 година досега.

Кога пред шест години, Филиповски почна да работи на овој мегапроект, тој изјави дека „поимот рок-музика го сфаќа во најширока смисла на зборот, па, така, во енциклопедијата ќе влезат и поединци и состави што се блиски до џез, блуз, ворлд мјузик, хипхоп, метал, панк, електронска и попрок-музика.

– Сакам да докажам дека македонската рок-сцена не била толку мала и сиромашна како што мислат многумина, напротив. Јас и моите соработници не претендираме ниту да бидеме најобјективни, сепак ова го прават луѓе со голема љубов кон македонската рок-музика, па се можни и субјективни моменти, можни се и погрешни процени за евентуалната застапеност на некој бенд, а на некој не… Но годините ќе го исфилтрираат сѐ она што неправедно е заборавено – рече авторот.

Во првиот том на енциклопедијата на 500 страници можат да се прочитаат биографиите на 333 домашни бенда, 2.500 музичари и називите на над 1.000 изданија создадени на нашата рок-сцена во изминатиот половина век. Енциклопедијата е збогатена со 400 црно-бели фотографии. Издавач е „Корпус деликти рекордс“, а првото издание е отпечатено во 1.000 примероци. Како бонус со книгата оди и цеде-компилација, посветена на историјата на домашната панк-музика. Филиповски веќе работи на вториот том.

М.Т.