Државниот секретар на САД Мајк Помпео, неодамна направи гаф, ословувајќи го севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, како „претседателот Ун“, што наиде на остри реакции во јавноста, пренесува „Њујорк тајмс“.
Помпео спомна дел од името на севернокорејскиот лидер, наместо неговото презиме, при коментарите кои ги даде во текот на патување кон Јапонија.
„Некој навистина треба да поразговара со Помпео, пред тој да се сретне со кој било од Северна Кореја“, „Тој го ослови Ким Јонг-ун со претседателот Ун. Тоа е исто како да го наречете Винстон Черчил, премиерот Спенсер – (Спенсер е дел од полното име на поранешниот британски премиер – н.з.)“, гласат дел од коментарите на социјалната мрежа Твитер.
Згора, ова не е прв гаф од висок функционер на САД во ерата на претседателот Доналд Трамп. Во соопштение на Белата куќа од минатата година, кинескиот претеседател Си Џинпинг беше ословен како „лидер на Републиката Кина“, што претставува формално име за Тајван. Во друго соопштение, јапонскиот премиер Шинѕо Абе беше наведен како „претседател“.
Помпео од неодамна е на функција во Стејт департментот, но неговата грешка е помалку неочекувана бидејќи тој е поранешен директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Дел од јавноста смета дека гафот кој е познат како „ун-гејт“, претставува навреда што покажува недоволна подготвеност на САД во пресрет на предвидената средба помеѓу Доналд Трамп и Ким Јонг-ун.