Освоената титула во кошаркарската НБА-лига на Торонто донесе неверојатно зголемена потрошувачка во повеќето канадски градови, а во Монтреал скок од дури 216 отсто (во споредба со истиот период во минатата година), објавија канадските медиуми. Оваа информација зборува за степенот до кој Канаѓаните се собраа за да го гледаат и да го поддржуваат клубот во историското плејоф-финале на патот до титулата.
Според податоците, во текот на последните часови на мечевите од финалната серија бизнисите во центарот на Торонто забележале зголемена потрошувачка од 101 процент. Трендот бил постојан и низ целата земја. Во исто време во Ванкувер, Едмонтон и во Монтреал трошоците се зголемиле за 94 проценти, 97, односно 216 проценти.
Потоа, парадата на шампионите за титулата на Репторс беше неверојатен спектакл, со стотици илјади обожаватели низ улиците на Торонто. За време на парадата, трошењето во кафулињата во Торонто било намалено за 30 отсто, но трошењето брза храна и во рестораните се зголемило за 17, односно за 23 проценти.
Откако парадата завршила и луѓето почнале да заминуваат, рестораните во центарот на Торонто биле преплавени, бидејќи податоците покажувале дека трошењето во рестораните се зголемило за 150 отсто околу 16 часот (во споредба со истиот период лани).