Tринаесетина километри од Кавадарци, на парцела со насад од лаванда на висорамнината Витачево, на 714 метри надморска височина минатиот викенд се одржа првиот рурален поетски слем со ревијален карактер, а неговите идејни творци и волонтерски организатори се: „Биовита“, здружението на граѓани „Театарска работилница“ од Прилеп, здружението за алтернативна култура „Алтер центар“ од Кавадарци и домот на културата „Иван Мазов Климе“ од Кавадарци по иницијатива од Поетскиот слем – Македонија.
Љубителите на поезијата и природните убавини имаа можност да присуствуваат на еден несекојдневен културен настан во кој сите присутни имаа можност барем на момент да се дружат со стиховите и да прочитаат поезија.
– Верувам дека овој рурален поетски слем ќе стане едно движење што ќе си го најде своето место во сите годишни времиња на органски фарми низ Македонија – вели поетесата и слемерка Цветанка Колева.
Игор Трпчевски, актер, поет и еден од втемелувачите на Поетскиот слем – Македонија вели дека е среќен што Поетскиот слем – Македонија излегува на воздух, на полињата со лаванда на Витачево.
– Со овој настан продолжуваме да ја испишуваме книгата со историја на слем–поезијата во земјава – изјави Трпчевски.
Првиот рурален поетски слем траеше два дена, слемерите и љубителите на поезијата и природата во зависност од можностите сами го одбираа денот кога ќе го посетат полето со лаванда и ќе уживаат во заедничкото дружење придружено со прекрасна органска храна приготвена на домашен начин во природа и прекрасните вина од тиквешките винарници. Публиката дојде самоиницијативно без посебни покани, освен објавата за настанот и сите беа задоволни од прекрасната атмосфера, природата како сценографија, песните на птиците и прекрасниот насад од лаванда, кој фрли посебна магија на целото случување.
Ми.М.