Најголемите пет лиги на континентот учествуваат со над половина од таа сума. Приходите на клубовите во Премиер-лигата, пак, се за 72 проценти поголеми во однос на оние на најблискиот ривал, германската Бундес-лига
Манчестер jунајтед, Манчестер сити, Челси, Арсенал и Ливерпул ѝ обезбедија доминација на Премиер-лигата во европските финансиски рангирања. Финансиското водство на Премиер-лигата во однос на европски ривали не покажува знаци за попуштање, што се гледа од трите одделни финансиски извештаи што ја покажаа супериорноста на најсилната англиска фудбалска лига.
Според годишниот преглед на фудбалските финансии на „Делојт“, објавен неодамна, приходите на Премиер-лигата се за 72 проценти поголеми во однос на оние на најблискиот ривал, германската Бундес-лига. Тој финансиски јаз многумина во Европа го посочуваат како главна причина за доминацијата на англиските клубови минатата сезона во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ).
Премиерлигашите во сезоната 2017/2018 година заработиле рекордни 4,8 милијарди фунти (5,4 милијарди евра), што е за шест отсто повеќе од претходната сезона, благодарение на играњето на петте клуба во ЛШ, на големиот број нови комерцијални зделки, како и на вносните договори за ТВ-правата.
Извештајот на „Делојт“, веќе 28. година по ред, кој се фокусира на профитабилноста, со серија вртоглави бројки ги илустрира големината на европскиот фудбалски пазар и централната улога на Премиер-лигата во таа растечка економија. Генерално, европскиот професионален фудбал моментно вреди 25,1 милијарди фунти (28,5 милијарди евра), со тоа што најголемите пет лиги на континентот, во Англија, Франција, Германија, Италија и во Шпанија, учествуваат со над половина од таа сума, со 13,8 милијарди фунти (15,6 милијарди евра).
Оваа розова слика за финансиското здравје се рефлектира и во извештаите на „Форбс“ и на КПМГ, кои ги разгледуваат состојбите во најбогатите клубови во Европа. Реал е на врвот на двете листи. „Форбс“ проценува дека шпанскиот гигант вреди 3,4 милијарди фунти (3,8 милијарди евра), а КПМГ 2,8 милијарди фунти (3,2 милијарди евра). Но на нивните листи од 20 тима има дури девет од Премиер-лигата.
Кај „Форбс“, Манчестер јунајтед се наоѓа на третото место и е проценет на нешто повеќе од три милијарди фунти (3,4 милијарди евра), Манчестер сити е петти, Челси шести, Арсенал седми, Ливерпул осми, Тотенхем деветти, Вест Хем 17-ти, Евертон 19-ти и Њукасл 20-ти, со вредност од над 300 милиони фунти (340 милиони евра).
На листата на КПМГ, која се базира на вредноста на „фирмата“, пософистицирана мерка што ги пресметува долговите и резервите во кеш, Јунајтед е втор, Сити петти, Челси шести, Ливерпул седми, Арсенал осми, Тотенхем деветти, Лестер 16-ти, Вест Хем 17-ти, а Евертон 20-ти.