Полициската акција во Љуботен, истрагата против сопственик на медиум за наводната вмешаност во корупција, рекетарство и перење пари, како и примањата на советникот на премиерот за односи со Франција, беа некои од прашањата што пратениците вчера ги поставуваа до премиерот Зоран Заев и неговите министри, во рамките на редовната собраниска седница за пратенички прашања.
– Оваа акција е планирана подолго време и се прибирани повеќе докази. Јас знам дека секој граѓанин, кој е домаќин и кој со сопствена пот си го заработува лебот, нема потреба од никаков страв. Знам дека и тие се против луѓето што на незаконски начин трпаат милиони во џеб – рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, објаснувајќи ја неодамнешната полициска акција за заплена на тутун во скопски Љуботен.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, го праша премиерот Зоран Заев дали има информации за тоа дека извесен сопственик на медиум, како и негов соработник близок до владејачката партија, се осомничени за корупција, перење пари и рекетарство, ословувајќи ги двајцата со измислени имиња, кои се однесуваат на вистински личности.
– До мене допрел глас, за тоа се пишува по медиумите со псевдоними, се зборува во јавноста и јас се заинтересирав и истрагата ќе ги каже резултатите. Драго ми е што се води истрага по допрен глас, дај боже да има докази за оваа работа. Не сакам однапред да обвинувам, но ако се случиле вакви работи ќе има одговорност за кого и да е. Законот важи за сите – рече Заев.
Тој праша и за советник на премиерот, кој наводно платата ја примал преку Србија, за да избегне плаќање данок во Македонија.
– Моето прашање е дали премиерот Заев знаел дека специјалниот советник за Макрон не живее во Париз и дека живее во Скопје и не ја прима платата од 1.200 евра во Скопје, туку ја прима во Србија – праша Милошоски.
Седницата на која се поставуваа пратенички прашања продолжи и по затворањето на весникот.