Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вечерва ќе биде влечена ждрепката за ЕП 2020, Македонија е во вториот барабан и, според полудиригираната ждрепка, може да игра во Грац (носител е Хрватска), Виена (носител е Австрија), Малме (носител е Данска) или во Гетеборг (носител е Шведска), но не и во Стокхолм (носител е Германија) и во Трондхајм (носител е Норвешка)

Македонската машка ракометна репрезентација, предводена од селекторот Данило Брестовац, попладнево (18.45, пренос на ТВ Телма), во Виена, ќе дознае во која група ќе биде сместена и со кои противници ќе ги одмери силите во првата фаза на Европското првенство (ЕП), кое ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска (10-26 јануари) идната година.
Ова е прво ЕП што ќе се одржи во три земји и прво ЕП на кое ќе учествуваат вкупно 24 селекции. На ждрепката ќе присуствуваат ракометари од државите-домаќини, Филип Хенингсон (Шведска), Роберт Вебер (Австрија) и Торбјорн Бергеруд (Норвешка), како и претставникот на актуелниот европски шампион Шпанија, Даниел Душебаев, кои ќе помагаат при ждрепката.

Според полудиригираната ждрепка, Германија ќе биде во групата Ц, Норвешка во Д, а бидејќи двете се во вториот барабан заедно со Македонија, евидентно е дека црвено-жолтите ќе играат или во Австрија (Грац, носител Хрватска, или во Виена, каде што носител е Австрија) или во Шведска (Малме, носител Данска, или во Гетеборг, носител Шведска).

Според мини-анкетата што ја направи „Нова Македонија“ неколку македонски репрезентативци истакнаа дека би било добро црвено-жолтите да играат во Австрија, каде што би имале и побројна поддршка од македонски навивачи, а посакувани ривали во групата би биле Чешка, Австрија, Холандија и БиХ.

– Би сакал да играме во Австрија од повеќе причини, а би ги издвоил близината, можноста за повеќе навивачи од Македонија, како и избегнувањето на Шведска и светскиот првак Данска. Би сакал да играме со Чешка од првиот барабан, оти по квалитет е најслаба во однос на другите и би имале шанси за поволен резултат. Од третиот барабан тоа е домаќинот Австрија или, пак, дебитантот Летонија, а од четвртиот, би ги избегнале балканските репрезентации и Русија, што значи добро би било да играме со Холандија – вели Гоце Георгиевски, десното репрезентативно крило.
За Македонија ова ќе биде шесто ЕП во историјата, по настапите во 1998 година (12-то место), 2012 (5), 2014 (10), 2016 (11) и во 2018 година (11).

– Што се однесува до местото, би ја избрал Австрија, односно Виена, а причината е токму близината, која, пак, би овозможила голем број наши љубители на ракометот да бидат присутни на натпреварите, што би претставувало голема поддршка за нас. Од противници во групата, би сакал ривали да ни бидат Чешка, Австрија и БиХ – вели левото крило Бојан Маџовски.

Македонија е меѓу десет европски селекции што биле дел од петте ЕП од 2012 година и во група само со пет селекции што од 2012 година играле на сите големи натпреварувања (ЕП и СП).

– Од првиот барабан ја посакувам за противник Чешка, од вториот Австрија, а од третиот Холандија. Што се однесува до местото, сметам дека најмногу би ни одговарало да играме во Австрија – вели младиот репрезентативец Димитар Димитриоски. 


БАРАБАНИ
1: Шпанија, Шведска, Франција, Данска, Хрватска, Чешка
2: Македонија, Норвешка, Словенија, Германија, Унгарија, Белорусија
3: Австрија, Исланд, Ц. Гора, Португалија, Швајцарија, Летонија
4: Полска, Русија, Србија, Украина, БиХ, Холандија