На 21-то Собрание, кое се одржа на 23.6.2019 година во организација на Здружението на Хрватите во Република Македонија, присуствуваа голем број претставници од јавниот и од политичкиот живот во Република Северна Македонија.
Во свечениот дел на Собранието свои обраќања имаа: Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспората; Данијела Баришиќ, амбасадорка на Република Хрватска во Македонија; Никола Шалваринов, директор на Агенцијата за иселеништво; Рубен Земон, пратеник во Собранието на Република Северна Македонија; Невенка Костовска, претседателката на Здружението на Хрватите и Ненад Живковиќ, член на Советот на Владата на Република Хрватска од Македонија.
Притоа беше истакната соработката помеѓу Здружението и актуелните претставници на институциите во Република Северна Македонија, со крајна цел афирмација на хрватското малцинство во земјата, решавање на отворените прашања за нивниот статус, како и поддршка на проектите од областа на културата и уметноста.
Во работниот дел на Собранието беа разгледувани тековните прашања од работата на здружението, а беа утврдени и насоките за идните активности на Здружението на Хрватите во Република Македонија.