Наградата гран при на „Икс денс“ 2019 година ја доби Маргарита Гладишева (класичен балет, соло), 16-годишна ученичка во Школата за класичен танц под раководство на Генадиј и Лариса Ледјах, во Москва, Русија.
Во Македонскиот народен театар во Скопје се одржа меѓународниот натпревар во кореографија, „Икс денс“, во повеќе танцови дисциплини и возрасни категории.
Меѓу лауреатите од прв степен беа: во класичен балет – соло, Драгана Илиевска и Мартина Димовска од Македонија, Ана Козина од Русија, потоа Бојана Арсовска и Ендрју Кук, па де де, од Македонија и од Англија, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје, класа на Дафина Данилоска-Кочоска (ансамбл), а лауреати од втор степен беа: ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, класа на Маја Митровска Богојевска (ансамбл).
Лауреати од прв степен во современ танц се: соло, Алисија Гоч од Украина, за ансамбл, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, класа на Елизабет Колевска и Денс студио мак, а во спортски танц Михаиљ Кравченко и Еден Вољфин од Израел.
Меѓународното жири беше составено од еминентни имиња од светот на балетот: Тања Вујисиќ Тодоровска од Македонија, Марина О’Нил Спенсер од Италија, Константин Карин од Финска, Елена Антонова-Петровиќ од Македонија, а од особено значење беше присуството на Борис Акимов од Русија, врвно име на рускиот балет и театарот „Бољшој“, како претседател на жирито.
Покрај наградата гран при, Маргарита Гладишева доби и парична награда од 1.000 долари, специјално изработена статуетка и оригинални охридски бисери од семејството Филеви.