Германската канцеларка Ангела Меркел изгледаше како да не и е добро и нејзиното тело неконтролирано се тресеше додека денеска во Берлин го пречекуваше украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Меркел стоеше веднаш до Зеленски изложена на сонце, додека воениот оркестар ги свиреше химните на Германија и Украина, кога одеднаш почна да се тресе.
Сепак, според АП, по интонирањето на химната, Меркел изгледала подобро, а потоа брзо минала по црвениот килим со Зеленски и влегла во зградата во која се наоѓа нејзината канцеларија.
Пред влезот, таа застана да се поздрави со воениот бенд.
Канцеларката подоцна на прес-конференција рече дека се чувствува добро.
-Оттогаш се напив најмалку три чаши вода, кои очигледно ми требаа, а сега сум многу подобро- рече Меркел.
Таа, еден час по состанокот со Зеленски, на заедничката прес-конференција изјави дека разговарале за билатералните прашања и мировниот процес во Минск.