Американската телевизиска куќа Еј-би-си и Академијата за филмски уметности и науки ги објавија датумите за доделувањето на највисоката филмска награда „оскар“ за 2020 и 2021 година. Исто така, откриено е дека во 2022 година доделувањето на златните статуетки ќе се префрли на крајот на февруари.
Поточно, 92. доделување ќе се одржи на 9 февруари 2020 г., што е невообичаено рано и досега најран датум на одржување на свеченоста, а 93., пак, ќе се одржи на 28 февруари 2021 г., седум дена подоцна во споредба со првичните планови.
Со оглед на одржувањето на Олимписките игри, организаторите порачуваат дека 94. доделување ќе се одржи на 27 февруари 2022 година. Сите свечености ќе бидат во недела.
Номинациите за 92. доделување на „оскарите“ ќе бидат објавени на 3 јануари 2020 г., додека гласањето ќе биде завршено на 4 февруари, објави Академијата.
Свеченоста ќе биде организирана во театарот „Долби“ во Холивуд и ќе ја пренесува Еј-би-си во САД и во 225 држави низ светот.