Знаменосец на свеченото отворање ќе биде младиот боксер Гоце Јанески
Македонија на 2. Европски игри (ЕИ) во Минск, Белорусија (21-30 јуни), ќе настапи со 12 спортисти во осум спортa, и тоа во борење слободен стил, бокс (по тројца), карате, џудо, кајак, стрелаштво, велосипедизам, улична трка и хронометар и во самбо (сите по еден), што значи дека ќе доминира во боречките спортови (деветмина). Знамето на нашата држава на церемонијата на свеченото отворање на ЕИ ќе го носи младиот боксер од Тетово, Гоце Јанески (21).
На ЕИ во Минск ќе настапат над 4.000 спортисти од 50 држави во 15 спорта, односно во 23 дисциплини, од кои осум се застапени и на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио 2020 година. Треба да бидат поделени вкупно 200 медали (91 во машка и 89 во женска конкуренција и 20 во комбинација).
На првите ЕИ во Баку (Азербејџан) во 2015 година (23 спорта), Македонија настапи со 45 учесници во девет спорта (атлетика, гимнастика, борење, карате, џудо, кајак, пливање, самбо и стрелаштво) и освои две бронзени медали, за кои се погрижија каратистите Емил Павлов (категорија до 60 кг), кој беше и знаменосец на македонската експедиција и Мартин Несторовски (над 84 кг).
Европските игри се меѓународен повеќеспортски настан помеѓу спортисти од цела Европа. Игрите беа замислени од страна на Европските олимписки комитети (ЕОК), кои го објавиле нивното почнување на 41. генерално собрание во Рим, на 8 декември 2012 година. Следните ЕИ во 2023 година треба да се одржат во полскиот град Краков.
– Навистина ми е драго што вторпат обезбедив норма за настап на ЕИ и сум единствениот македонски каратист што ќе настапи на вакви натпреварувања. Знам што ме очекува таму, конкуренцијата е многу голема, оти ќе настапат најдобрите осум во Европа, меѓу кои актуелниот светски првак и актуелниот европски првак. Ми останува максимално да се подготвам до Игрите, а веќе в четврток ќе заминам на 10-дневни подготовки во Пехчево, каде што ќе имам прекрасни услови и ќе дадам сѐ од себе да се вратам со голем успех од Минск – вели каратистот Емил Павлов.