Во борбите меѓу силите на сириската влада и бунтовниците во зоната на примирје, кои продолжија и во текот на денешниот ден, во последните 48 часа загинале 167 лица од двете страни, објавија од невладината организација Сириски набљудувачи за човекови права (СОХР).
Џихадистите и бунтовничките групи денеска започнаа нов напад врз владините сили во руралните делови на покраината Хама, наведуваат од СОХР.
Бунтовниците истрелале десетици ракети, а бомбаш-самоубиец активирал автомобил полн со експлозив во близина на локалните владини сили, соопштија набљудувачите.
Бунтовничкиот контранапад е дел од вжештениот конфликт меѓу двете страни во Хама, која пак е дел од демилитаризираната зона формирана во септември.
Во судирите денеска, загинаа најмалку 37 владини војници и сојузнички борци, односно 28 бунтовници, тврдат од СОХР.