Преку Програмата за рурален развој, која се спроведува од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, од буџетот обезбедени се финансиски средства од околу 38 милиони евра, за реализација на 202 проекти во сите општини и плански региони. Власта порача дека со овие средства директно ќе се овозможи подобрување на условите за живот во малите општини и руралните средини.
Денес во Владата, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, доделија решенија од Програмата за рурален развој на дел од општините и планските региони.
Проектите за кои се обезбедени средства ќе се реализираат во наредните 3 години, а во периодот кој следи, секоја од општините ќе распише процедура на јавна набавка, по која следува потпишување на договор со економски оператор, потпишување на договор со АФПЗРР, како и подигнување на 20 отсто аванс од вкупната вредност на проектот од страна на економскиот оператор. По завршување на целиот проект целокупната документација се доставува до АФПЗРР, по што Платежната Агенција го исплаќа целиот износ, по што средствата одат на сметка на економскиот оператор. Целта на оваа Програма не е општините дополнително да бидат отоварени, туку да бидат помогнати од страна на централната власт во насока на рамномерен регионален и рурален развој на територијата на целата држава.