Синиша Пекевски, организатор и модератор на меѓународната конференција за туризам „Почувствувај го Скопје“
Туристите кои доаѓаат во Скопје се задржуваат само еден ден и продолжуваат кон нова дестинација, за разлика од преостанатите главни градови во регионот каде што просекот е околу три дена и не само за викенд, туку и во другите денови во неделата
Природата и културното наследство во Македонија не се доволни за развој на туризам, тие се добра стартна позиција, но за вистински развој што ќе донесе голем приход во државниот буџет се потребни стратегија и иновативен пристап. За да може да зборуваме за вистински туризам во Македонија е потребно прво да се обидеме да застанеме во строј со соседните земји кои се далеку пред нас во однос на бројките и понудите, но се доволно блиску за да го препишеме нивниот рецепт за успех. Синиша Пекевски, организатор и модератор на меѓународната конференција за туризам „почувствувај го Скопје“(Feel Skopje), која се одржува на 12 јуни во Скопје, вели дека нашата држава заслужува да има поголемо внимание на светската туристичката мапа и дека преку оваа конференција ќе им се овозможи на странски туристи да дознаат за земјава и да дојдат и да уживаат во нејзините волшепства и во убавината. Тој вели дека Македонија има што да им понуди на странските и на домашните туристи, но е потребна квалитетна и обемна стратегија за да има целосна искористеност.
На 12 јуни се одржува меѓународната конференција за туризам „почувствувај го Скопје“. Која е основната цел и идејата на овој настан?
– „Почувствувај го Скопје“ е конференција која за првпат се одржува во Скопје и основна цел е да слушнеме мислења на луѓе од странство кои се директно вклучени во туризмот, да чуеме кои се трендовите во светот и на крај, да видиме дали Скопје е посакувана туристичка дестинација за градски туризам и што е тоа што градот може да им го понуди на туристите. На конференцијата ќе учествуваат говорници од пет различни држави, од Јапонија, Турција, Швајцарија, Словенија и од Хрватска. Тие говорници се новинари од областа на туризмот, туристички блогери, фотографи и личности кои многу можат да кажат и да помогнат за да нашата држава навистина стане посакувана и препознатлива туристичка дестинација во светски рамки. На конференцијата ќе чуеме мислења и препораки како да го подобриме имиџот на Скопје и од нивни аспект да го промовираме Скопје како туристичка дестинација. Она што нас посебно нѐ радува е тоа што сите говорници кои се препознатливи во светот бесплатно ќе дојдат во Скопје на конференцијата и ќе објават статии и фотографии од Скопје и од Македонија, реклама која секако многу ѝ е потребна на нашата земја. Поддршката што ја добивме од градот Скопје покажува дека некои работи се менуваат на подобро, но поддршката треба да биде многу поголема и континуирана. Мисија на организацијата е креирањето позитивен идентитет и имиџ на Скопје и на Македонија, грижа за културното наследство и неговото вреднување, поддршка на развојот на културните разноликости, отворањето институции и други објекти во областа на културата и промовирање на туризмот во престолнината.
Нашата држава има што да им понуди на туристите, но нема квалитетна и одржлива стратегија како да се подобри развојот на туризмот и да се решат актуелните проблеми кои ги нотираат туристичките работници?
– За жал, Скопје и Македонија имаат стратегии кои се само на хартија и никако да се имплементираат. Навистина ми пречи што дел од тие стратегии се напишани од теоретичари и немаат реално и практично искуство во областа на туризмот, туку само теорија. Скопје има што да им понуди на туристите, но многу треба да се работи на промена на нашиот менталитет и работни навики. Во суштина треба да се работи и на хигиената во градот кој, за жал, е многу нечист град, и да се работи на тоа да бидеме насочени кон туристите и нивните барања. Потребни се препораки од стручни лица како да се подобри промоцијата на Скопје и на Македонија во светски рамки. За жал, не постои институционална поддршка за промовирање на Скопје како туристичка дестинација и сѐ се сведува на проекти кои ги имплементираат различни субјекти.
Дали Македонија каска зад регионот, што можеме да научиме од нив и за зимски и за летен туризам?
– Ние како држава каскаме во секој поглед и сите држави во регионот се пред нас како туристички дестинации. Земете ги на пример Белград и Софија, кои се топ дестинации во секој поглед, без разлика дали станува збор за ноќниот живот и туризмот, за конференциски туризам, за саемски туризам, буквално светлосни години сме зад нив. Тие бележат милионски посети од туристи и профити, а ние речиси сме на дно. Податоците кои се достапни покажуваат дека туристите што доаѓаат во Скопје се задржуваат само еден ден и продолжуваат кон нова дестинација, за разлика од преостанатите главни градови каде што просекот е околу три дена и не само за викенд, туку и во другите денови во неделата. Колку сме далеку од посакувана дестинација видете го примерот со Љубљана, каде што таа метропола е топ европска туристичка дестинација која сега има проблем со туристите, бидејќи не може да го издржи напливот на туристи кои секојдневно доаѓаат, ама за да дојдат до тоа интензивно работеа, и Љубљана е културна престолнина на Европа. А ние и тоа што го имаме, гледаме да го уништиме, како на пример Матка, Охрид и голем број историски локалитети кои ги имаме, а воопшто не се грижиме за нив.
Кој туристички концепт треба да добие приоритет во Македонија, масовниот или алтернативниот?
– Ние сѐ уште немаме стратегија кои гости ги сакаме и во согласност со тоа како да ги привлечеме. Некако сѐ се движи стихијно, па кој дојде – дојде. Од друга страна, ја имаме Мајка Тереза како заштитен знак на Скопје и како огромен потенцијал да привлечеме туристи од цел свет, бидејќи таа е светски препознатлива личност и тоа е она што нѐ издвојува од сите преостанати градски дестинации. Ја имаме и Матка со пештерата Врело, кое доколку се работи професионално може да привлече дополнителен број туристи. Она што дефинитивно му недостига на градот е ноќниот живот, кој во изминатите 10 години некако изумре, што од законски ограничувања, што од одливот на квалитетни кадри кои си заминаа од Македонија. Скопје како дестинација не може да понуди масовен туризам, бидејќи ако во еден момент ние имаме 20.000 туристи, што е мала бројка, градот ќе се парализира и буквално не ќе може да се стигне од една дестинација до друга. А и од друга страна, сместувачките капацитети ни се сѐ уште многу мали.