„Шест часа работа, 6 часа култура, 6 часа активизам, 6 часа одмор“ е застапувачкиот предзнак на шестото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, во организација на „Тиииит! Инк“. Фестивалот почна на платото на Младинскиот културен центар, со дискусија за женската солидарност и социјалното претприемаштво, работничките права на сексуалните работнички и работници и за предизвиците поврзани со работничките права на текстилните работнички.
Во рамките на програмата се изложбите на Божена Кончиќ Бадурина и на Дуга Мавринац од Хрватска и од Србија, поетски слем на „ЛезФем“. Фестивалот ќе трае до недела, во МКЦ и во „Кино култура“, а фокусот годинава е на унапредувањето на работничките права на жените, вреднувањето на неплатениот домашен труд, отпорот кон современите облици на експлоатација и девалвирањето на трудот и достоинството на работничките.
Некои од прашањата на кои ќе се дискутира, а кои се актуелни во нашето општествено-политичко секојдневие, се минималната плата, едномесечните договори за работен однос, неплатениот домашен труд, кој сè уште останува непрепознаен, репродуктивното здравје на жените во градските и во руралните средини, формирањето на семејството во работен однос, малиот број воспитувачки во градинките, новата иницијатива за Законот за породилно отсуство, малиот процент на избрани градоначалнички, но и жени на раководни места во политиката воопшто итн.
Четиридневната програма опфаќа дискусии, изложби, перформанси, поетски слем, театарска претстава, филмска проекција, концерти и диџеј-сетови, работилница за деца, промоција на книга.