Во полн ек се активностите за реконструкција на конаците на манастирот Трескавец, кои треба да бидат завршени за три месеци. Во ова денеска, како што информираат од општина Прилеп, се уверија градоначалникот на општината Илија Јованоски и заменик министерот за култура Владимир Лазовски, кои го посетија манастирот заедно со директорот на НУ Завод и Музеј-Прилеп Благоја Атанасоски и остварија средба со отецот Калист.
Според градоначалникот Јованоски општина Прилеп активно работи на зачувување и промоција на културно-историските споменици кои се наоѓаат на територијата на општината, преку изработка на проекти кои се финансирани од сопствени извори, но и со европски пари.
-Имаме еден заеднички проект за манастирите Трескавец и Св. Архангел Михаил и Марковите Кули кој што е финансиран од ЕУ, проект со кој покрај другото се изработуваат брошури, патокази, мапи, со цел туристите кои ја посетуваат нашата општина да имаат повеќе информации и подобро да се снаоѓаат при посетата на овие три локалитети – рече Јованоски.
Отец Калист рече дека градежните работи на реконструкцијата на конаците се при крај.
-За да биде готово, мора да биде завршен и проектот за водоснабдување на манастирот, бидејќи без тоа не можеме да ги пуштиме во употреба конаците – посочува отец Калист.
Паралелно се работи и на други проекти за реконструкција на црквата, магерницата, трпезаријата и камбанаријата велат од прилепскиот Музеј.
-Формирани се тимови од стручни лица, а врз основа на нивната работа ќе бидат изготвени проекти со цел од следната година да почнеме со конзервација на црквата и другите придружни објекти. Во првичниот проект не биле предвидени две значајни ставки, а кои ќе ги бара капацитетот на комплексот. Со Министерството за култура правиме напори да се издвојат средства за изработка на проект за пречистителна станица за околу 100 лица, а ќе извршиме интервенција и на трафостаницата за зголемување на нејзиниот капацитет. Фондот за реконструкција на конаците изнесува околу 2 милиона евра – вели Благоја Атанасоски, директор на прилепскиот Музеј.
Конаците на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец, беа опожарени на четврти февруари 2013 година.
Ка.М.