Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, вели дека народот во Венецуела сака нови парламентарни избори за да го обнови составот на Националното собрание, дводомниот парламент на земјата, во моментов контролиран од страна на опозицијата, пренесува ТАСС.
– Ние сме подготвени да одржиме парламентарни избори. Земјата сака составот на Народното Собрание да се обнови – изјави Мадуро на седницата на Советот за одбрана на Венецуела.
Тој, исто така, ги повика приврзаниците и сите луѓе од Боливарската република да ја зајакнат политичката стабилност во земјата.
– Американскиот империјализам се обидува да ја повреди Венецуела одвнатре и однадвор секој ден – додаде тој.
На 23 јануари, претседателот на Националното собрание на Венецуела, Хуан Гваидо, се прогласи себеси за привремен претседател. Венецуелскиот претседател Николас Мадуро го опиша потегот како обид за државен удар и најави прекин на дипломатските односи со САД.
Гваидо беше признат како привремен претседател од страна на земјите од Групата Лима (освен Мексико), како и од Албанија, Грузија, САД и Организацијата на американските држави. Неколку земји од ЕУ излегоа со поддршка за парламентот на Венецуела и изразија надеж за нови избори за решавање на кризата.
Мадуро беше поддржан од Русија, Белорусија, Боливија, Иран, Кина, Куба, Никарагва, Ел Салавадор, Сирија и Турција.