Настаните од плоштадот „Тијанмен“ во Пекинг помогнаа во модернизирањето на кинеската полициска држава, во која денес организирањето такви демонстрации речиси е невозможно. Масакрот на стотиците студенти, а според некои извори станува збор за повеќе илјади жртви, е избришан од учебниците по историја, како и од интернетот во земјата

Три децении по масовните протести, што беа крваво задушени од армијата, Кина и натаму ги чувствува последиците од најголемите политички демонстрации во историјата на комунистичка Кина. Настаните од плоштадот „Тијанмен“ во Пекинг помогнаа во модернизирањето на кинеската полициска држава, во која денес организирањето такви демонстрации речиси е невозможно. Масакрот на стотиците студенти, а според некои извори станува збор за повеќе илјади жртви, е избришан од учебниците по историја, како и од интернетот во земјата.

Повеќе од еден милион Кинези, од кои најголемиот дел студенти, во 1989 година го доведоа во прашање легитимитетот на Комунистичката партија, најголем предизвик за партијата по нејзиното доаѓање на власт во 1949 година. Продемократските демонстрации беа предизвикани од смртта на бившиот партиски шеф Ху Јаобанг, кој уживаше репутација на либерален реформатор. Неговите симпатизери масовно се собраа на плоштадот „Тијанмен“, каде што останаа да протестираат. Првично разгорени од гневот за бавното темпо на демократски реформи од Владата, која многумина ја сметаа за диктатура, протестите се проширија и на прашања како што се растечките животни трошоци во земјата. Движењето набрзина се прошири низ Кина, вклучувајќи ги и студентските кампуси. Потоа, стотици студенти во мај почнаа штрајк со глад на плоштадот, посрамотувајќи ја кинеската Комунистичка партија во текот на посетата на советскиот лидер Михаил Горбачов. Обидите за постигнување компромис завршија со неуспех, а по околу два месеца, во делови на Пекинг беше прогласена воена состојба.

Ситуацијата ескалира на 2 јуни, кога највисоките партиски функционери, вклучувајќи го и Денг Ксиопенг, одлучија да преземат мерки против „контрареволуционерните протести“ и ѝ наредија на армијата да употреби сила за да го расчисти од демонстранти централниот плоштад во Пекинг. Во наредните два дена беа регистрирани повеќе оружени инциденти, во кои припадници на Народноослободителната армија пукаа кон невооружени цивили околу плоштадот.
Се проценува дека стотици, а можеби и повеќе илјади лица се убиени, но конечниот биланс на жртвите и натаму е мистерија, бидејќи никогаш не беше спроведена независна истрага за масакрот. Јунајтед прес интернешнл на 14 јуни објави дека кинеската влада првично соопшти оти во инцидентите се убиени 300 лица, вклучувајќи и сто војници, за подоцна да ја намали бројката на 200 жртви. Од друга страна, кинескиот Црвен крст тогаш наведе дека се убиени околу 2.600 лица, најголем дел млади студенти, додека, пак, британски дипломатски извори тврдеа дека бројката се движи околу 10.000 убиени лица.

Масовните демонстрации и нивното крваво задушување ја поттикнаа Комунистичката партија во наредните години да го модернизира државниот безбедносен апарат, за да може да ги контролира граѓаните што прават на интернет, и како се однесуваат дома и во јавност, за да се искорени каква било шанса за организирање уште едно масовно движење. Во таа насока, властите во Пекинг воведоа систем за масовно набљудување, што користи високотехнолошки достигнувања, како што е препознавањето лица, кое, пак, им го олеснува контролирањето на граѓаните. Истовремено, државните медиуми продолжуваат да го промовираат легитимитетот на Комунистичката партија, со константна доза националистичка реторика.

Одбележувањето на годишнината од настаните на плоштадот „Тијанмен“ или, пак, тагувањето по убиените во масакрот врз невооружените демонстранти е строго забрането во Кина. Кинеските власти секој јуни ја зајакнуваат безбедноста на плоштадот, а безбедносните служби често ги иселуваат од Пекинг активистите за човекови права.


Кој беше човекот тенк?

Една од најпознатите фотографии од протестите на „Тијанмен“, што го обиколија светот, е фотографијата со човекот тенк, неидентификуван маж што голорак застана да им се спротивстави на моќните тенкови на кинеската армија. Епскатафотографија на маж во бела кошула и црни панталони беше направена од фотографот Џеф Вајденер, а новинската агенција „Асошиејтед прес“ ја дистрибуира низ светот.


Масовните демонстрации избришани од колективната меморија

Напорите на кинеските власти да ги избришат настаните од плоштадот „Тијанмен“ од меморијата на граѓаните по сѐ изгледа беше успешно. Во неодамнешната статија на „Њујорк тајмс“ за цензурата во Кина се наведува дека голем број млади на 20-годишна возраст, вклучувајќи ги и оние што се вработени како државни цензори, воопшто не знаат за што се залагаа илјадниците демонстранти во 1989 година.
Кери Грејси, бивша уредничка на Би-би-си во Кина, пред извесен период истакна дека за многу млади Кинези настаните од периодот 3-5 јуни немаат никакво значење.
– Политиката нема никакво значење. Тие едноставно не знаат дека постоеше генерација што се жртвуваше за идеја – наведува Грејси.