По првичните дилеми дали со изјавата на премиерот Заев дека Македонија, поради кризата во Албанија, повторно би можела да остане без датум за почетокот на преговори со Европската Унија, јавноста се подготвува за непосакуваното сценарио, политичките аналитичари објаснуваат дека случувањата во соседните земји немаат никаква врска со одредувањето датум за преговори со Македонија и дека секоја земја се оценува одделно
Во пресрет на очекувањата Македонија да добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, претставниците на актуелната власт, па дури и самиот премиер Зоран Заев, не ја отфрлаат можноста тоа да не се случи, но вината ја лоцираат во политичките случувања во соседството.
По првичните дилеми дали ваквите изјави се даваат заради подготовка на јавноста за непосакуваното сценарио, политичките аналитичари објаснуваат дека кризата во Албанија нема никаква врска со одредувањето датум за преговори со Македонија и дека секоја земја се оценува одделно.
– За нас, ние имаме позитивен амбиент, поради Договорот од Преспа и направените реформи. За жал, констелациите не се добри, затоа постои дебата. Тука мислам на Албанија и на прашањето помеѓу Косово и Србија. Но верувам дека нема да се дозволи во ниеден момент по 14 години кандидатски статус и со позитивната препорака од 2009 година повторно да бидеме одложени. Дефинитивно тоа не е во полза ниту на ЕУ – изјави Заев.
Освен тоа, Заев истакна и дека доколку земјава не добие датум за преговори во јуни или јули, би можела да се соочи со политичка криза.
– Ако има пречка, таа нема да доаѓа од дома. Нема претседател, канцелар, премиер што ги става под прашање нашите перформанси. Поради констелациите со сите други земји, ќе се знае кога ќе биде одлуката. Доколку немаме датум ниту во јуни ниту во јули, ќе се соочиме со политичка криза, затоа што на маса ги ставивме сите карти за нашата интеграција во ЕУ. Тоа се очекувањата на нашите граѓани, би било проблематично доколку не се испорача тоа – додаде Заев.
Според експертите, кризата во Албанија не би требало да се поврзува со датумот за преговори за Македонија.
– Кризата во Албанија нема никаква директна врска со датумот за преговори за Македонија. Факт е дека двете земји се третираат во пакет заеднички, но причините што нема да добиеме датум се многу подлабоки – вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
Тој додава дека Унијата нема намера да се проширува уште долго време.
– Дури и да ги започне Македонија преговорите, таа само ќе отвори еден долг процес и ништо суштински нема да се промени во нашата држава – нагласува Никовски.
И според Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, политичката криза во Албанија не треба да се поврзува со одредувањето датум за преговори со Македонија.
– Политичката криза во Албанија нема големо влијание врз нашите евроинтеграции. Факт е дека Европа посакува тие проширувања да одат во пакет, но и претходно беше истакнувано дека напредокот треба да се оценува за секоја земја одделно – вели Кржаловски.
Ниту тој не го дели оптимизмот за можноста земјава да добие датум за почеток на пристапните преговори следните неколку месеци.
– Мислам дека се мали шансите да добиеме датум во јуни или јули, па дури не очекувам тоа да се случи ниту во септември. Претстојат европските избори, па можно е датум да се одреди дури во јануари – додава Кржаловски.