Угинат кит со желудник полн со пластика е пронајден на плажа на италијанскиот остров Сицилија, објавија од „Гринпис“.
Седумгодишниот кит бил исфрлен од морето во петокот на плажата во близина на градот Чефалу на Сицилија. Ова е петти таков случај во Италија во последните пет месеци, изјави активистката на „Гринпис“, Џорџија Монти.
Последен пат морето ја исфрли угинатата женка кит со новороденче на италијанскиот остров Сардинија – во нејзиниот желудник беа пронајдени дури 22 килограми пластика.
-Морето ни испраќа повик за помош, очајнички СОС. Мораме веднаш нешто да преземеме и да ги спасиме тие прекрасни животни кои живеат во морето, изјави Монти за италијанските медиуми.
Најновата вест за угинатиот кит поради пластичниот отпад во океаните и морињата пристигнува само неколку дена во пресрет на едномесечната мисија во која активисти од проектот „The Blue Dream” ќе вршат надзор над загадувањето со пластика во централниот дел од Средоземното Море.