Бројот на телефонските измами во Бугарија од почетокот на годината се намалиле за 15 отсто во однос на лани, а вкупната вредност на штетата што мораат да ја платат оштетените граѓани изнесува 2,5 милиони лева (околу 1,2 милион евра). Според податоците на бугарското министерство за внатрешни работи, во 2016 година се регистрирани 1.399 телефонски измами, во 2017 година – 1.325, а во 2018 година – 1.097. За овие три години била предизвикана финансиска штета во вредност од околу 22-23 милиони лева. Ова беше објавено од министерот за внатрешни работи Младен Маринов, за време на парламентарната расправа, која беше иницирана по зачестените телефонски измами во Бугарија.
Од почетокот на 2019 година, се регистрирани 343 случаи на телефонски измами што е 15 отсто помалку во однос на истиот период лани. Регистрираните телефонски измами во март 2019 година се 56, наспроти 137 во истиот месец 2018 година. Трендот се задржува и во април, кога регистрираните измами се 48 спрема 71 за истиот месец 2018 година.
– Со оглед на далечински карактер на овие кривични дела, миграцијата на измамниците, кои се лоцирани првенствено во Романија, употребата на СИМ-картички на странски мобилни оператори, како и недостигот од физички контакт со жртвата, расчистувањето на овие случаи е потешко. Истрагите на полицијата се насочуваат кон посредниците во овие измами – објасни Маринов, во отчетот пред бугарските пратеници.
За пример тој ја спомена специјализираната акција, која е спроведената на 18 април 2019 г. за апсење телефонски измамници, кои биле дел од организирана група, која дејствувала во Бугарија и во Романија. Во акцијата беа уапсени 10 лица, од кои беа одземени СИМ-картички, телефони и девизи во различни валути.
– Од 2012 година, Министерството за внатрешни работи спроведе активна кампања насочена кон издигање на свеста на населението за овој криминал и давање совети за тоа како да се заштитат себеси. Сепак, многу луѓе се жртви на телефонска измама – потсети министерот за внатрешни работи.
Тој соопшти дека Министерството за внатрешни работи на Бугарија постојано ги подобрува своите работни методи во спротивставување на ова кривично дело, за кое има партнери во банките и мобилните оператори.