Победникот во овој меч на „Вембли“ на 27 мај ќе се пласира во Премиер-лигата и ќе заработи над 200 милиони евра
Дерби каунти и Астон вила ќе играат во најскапиот фудбалски натпревар на светот, во финалето од разигрувањето во англиската Чемпионшиш-лига, в понеделник, 27 мај на стадионот „Вембли“ во Лондон, за пласман во Премиер-лигата, следната сезона.
Во полуфиналните дуели Дерби го елиминира Лидс, триумфирајќи на гости со 4-2 (во првиот меч 0-1). За Дерби ова беше прва победа над Лидс сезонава по претходните три порази (гол разлика 1-7). Во второто плејоф-полуфинале, Астон вила беше поуспешна од ВБА, победувајќи на пенали со 4-3 (0-1, 2-1).
Дерби предводен од менаџерот Франк Лампард, поранешен играч на Челси и англиски репрезентативец, се надмина и успеа да стане првиот тим што се пласирал во финалето од плејофот по пораз дома во првиот меч. Лидс за кој настапува македонскиот интернационалец, Езџан Алиоски, кој се повреди пред неколку недели и ќе паузира подолго време, и по 15 години останува без настап во најелитната конкуренција.
Финалниот дуел на „Вембли“ се нарекува најскапиот меч во светскиот фудбал поради неколку работи. Победникот ќе заработи најмалку 200 милиони евра, од кои половината се загарантирани со настапот во пребогатата Премиер-лига следната сезона. Во случај на испаѓање уште по првата сезона на клубот му следуваат уште педесетина милиони евра со т.н. „падобрански надомест“ за подобро снаоѓање во понискиот ранг на натпреварување. Слична сума пари се добива и во втората сезона надвор од Премиер-лигата! На овие пари треба да се додаде и заработката од билети и другите комерцијални активности на клубовите од 20 до 30 милиони евра!