Според експертите, најважен ќе биде квалитетот на решенијата, но и соодветната подготовка на институциите што ќе подлежат на реформата
Исполнувањето на реформите во безбедносниот сектор е еден од клучните предуслови за членство на Македонија во Европската Унија. Токму во периодот кога државата во јуни го очекува отворањето на процесот на преговори за влез во ЕУ, претставниците на власта и на опозицијата демонстрираа консензус за ова прашање.
Во свое телевизиско обраќање министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека „безбедноста не е прашање за кое треба да се конфронтираат политичките партии и добро е што конечно сме разбрале сите дека во зависност од тоа како ќе го изградиме системот, ќе имаме безбедна или небезбедна држава“.
Во телевизиска дебата сличен став сподели и претседателот на собраниската комисија за надзор и следење на комуникациите Емил Димитриев, кој посочи дека „безбедноста е нешто што државата треба да го испорача за секој граѓанин, а пристапот на политиката треба да биде крајно внимателен“.
Министерот Спасовски напомена дека во тек се реформи во безбедносниот сектор со кои ќе се врати довербата на граѓаните. Според него, прва спроведена реформа е онаа за следење на комуникациите со формирањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА), а втора е реформата за носење на законите за Агенцијата за национална безбедност и Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во земјава.
Според Спасовски, многу е важно агенцијата да се постави врз начела и принципи што ќе овозможат формирање модерна и ефикасна служба по примерот на европските, да се одземат полициските овластувања и да се тргне превезот на тајната полиција, од која се плашат граѓаните, а сето тоа е процес за кој треба да се крева јавната свест.
Сегашниот парламентарец и поранешен технички премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Димитриев, говорејќи во контекст на извештајот од Европската комисија (ЕК), укажа дека очекува забелешки во овој сектор, бидејќи најавена е забелешка за доцнење на Законот за следење комуникации во делот на нивниот надзор.
Во контекст на овие актуелни случувања за обележување е фактот дека потребата од реформите на оваа проблематика редовно на своите годишни обраќања ја посочуваше и поранешниот претседател на земјата Ѓорге Иванов.
Тој во своето последно обраќање на оваа тема истакна дека се неопходни реформи во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), бидејќи таа е жариште на политички, институционални и безбедносни кризи, а наместо да ги спроведува законите, УБК работи надвор од својот законски мандат.
Во меѓувреме, пак експертската јавност истакнува дека иако постои консензус за ова прашање, реално процесите бавно се движат. Магдалена Лембовска, истражувачка во „Центар за европски стратегии – Евротинк”, истакнува дека реформата на безбедносните служби оди доста бавно.
Според неа, сето тоа се должи на лошото планирање на самата реформа на стратегиско ниво уште на почетокот, но и пристапот, кој повеќе се фокусира на усвојување законски решенија без да се води доволно сметка за нивната имплементација, како и за капацитетите и динамиките во институциите што се предмет на реформа.
– Позитивен исчекор е реформата на системот за следење на комуникациите, преку воспоставувањето на ОТА и низа механизми за надзор и контрола над следењето на комуникациите. Сепак, гледаме дека спроведувањето на надзорот и контролата одат многу бавно – и во смисла на градење на капацитетите на телата што треба да ја имаат таа улога, но се забележува и недостиг од проактивност од нивна страна. Собранието посебно потфрли да обезбеди каков било надзор над УБК и Агенцијата за разузнавање, веројатно чекајќи да се усвои ново законодавство, иако постојното законодавство дава солидна основа за надзор и контрола – вели Лембовска.
Аналитичарката додава дека изминатиот период се работеше на подготовка на законски предлог-решенија за реформа на безбедносно-разузнавачките служби, со главен фокус на реформа на УБК преку воспоставување нова агенција за национална безбедност како самостојна институција, но и механизми за подобра координација на сите чинители од безбедносниот сектор.
– Законите поминаа во прво читање, но тие треба значително да се подобрат и во таа насока беше обезбедена поддршка од доста чинители. Сега пратениците треба да се посветат на подобрување на текстот и продолжување на процедурата. Најважен ќе биде квалитетот на решенијата, но и соодветна подготовка на институциите што ќе подлежат на реформата, бидејќи видовме дека брзото усвојување на законодавството не дава резултати на долг рок – резимира Лембовска.