Топењето на покривот на Богородичната црква во Париз доведе до астрономско високо ниво на олово на плоштадот пред катедралата и на околните улици.
Париската полиција денеска соопшти дека нивото на олово од покривот е помеѓу 10 и 20 грама за килограм почва, што е 32 до 65 пати повеќе од нивото препорачано од француските здравствени власти кое изнесува 0,3 грама за килограм.
Областите што се најблиску до катедрала се затворени, објави АП.
Најголема опасност претставува оловната прашина која може да ја прекрие површината на блиските куќи и деловните згради. Со цел да се избегне труење со олово, властите препорачуваат добро чистење со влажна крпа, а бремените жени и децата често да ги мијат рацете.
Стотици тони олово беа користени во конструкцијата на Богородичната црква, како и во црквената кула која изгоре и се урна.