Само шест од вкупно 161 училиште, во колку што била спроведена интегрална евалуација, биле оценети со оценката многу добар, покажува извештајот на Државниот просветен инспекторат, според кој 107 училишта добиле оценка тројка, додека 48 биле оценети со делумно задоволува. Единица годинава не добило ниту едно училиште.
– За остварување на образовните цели, училиштата недоволно се опремени со нагледни средства и помагала за реализација на Кембриџ-програмата по дадените наставни предмети. Исто така наставниците не се доволно обучени за реализацијата на овие програми, а родителите сметаат дека не се соодветни на возраста на децата. Од извештаите се констатира дека најголем број наставници што се ангажирани во комбинирани паралелки не добиваат доволно поддршка за работа во истите тие – констатирале инспекторите.
Од извршените интегрални евалуации, констатирано е дека дел од слабите страни нотирани во претходните извештаи е надминат, а во дел од нив се направени подготовки и почнат е процесот на подобрување. Но исто така постојат и слаби страни за кои нема воопшто подобрувања.