Кристопанс на мечот со Барселона во Скопје сезонава Фото: Маја Јаневска-Илиева

Барселона е голем фаворит, таа беше прва во групата и двапати славеше против нас сезонава, но ние сме Вардар и не се откажуваме до крајот, вели капитенот Стоилов, по ждрепката за полуфиналето на ЛШ

Ракометарите на македонскиот првак Вардар ќе играат против најтрофејниот клуб во Лигата на шампионите (ЛШ), шпанска Барселона, во полуфиналето на фајналфор-турнирот во Келн (1-2 јуни). Во второто полуфинале ќе се сретнат полскиот шампион Киелце и унгарскиот вицепрвак Веспрем, чии бои ги брани македонското лево крило Дејан Манасков, кој наедно е и втор Македонец (по Кирил Лазаров со Барселона), што ќе настапи на фајналфор со странски клуб.

Тоа е епилогот од вчерашната ждрепка што се одржа во Келн. Шпанскиот гигант (играат 17 интернационалци) е најтрофејниот клуб, со вкупно девет шампионски круни и четири втори места, а откако се игра фајналфор во Келн (од 2010 година), славел двапати (2011 и 2015 година). Противникот, кој важи за прв фаворит во Келн, е мошне квалитетен и искусен состав, но сепак не треба да се заборави дека црвено-црните, под водство на тренерот Раул Гонзалес, кога станаа европски прваци во 2017 година, токму во полуфиналето ја совладаа Барселона, со 26-25.

– Сите екипи имаат исти шанси за победа на фајналфорот. Барселона е голем фаворит, таа беше прва во групата и двапати славеше против нас сезонава, но ние сме Вардар и не се откажуваме до крајот. Мислам дека претходните натпревари од групната фаза нема да бидат важни за подготовките за овој фајналфор – изјави Стојанче Стоилов, капитенот на Вардар.

Во меѓусебниот скор Шпанците се многу поуспешни. Од вкупно 15 одиграни дуели во ЛШ, Барселона славела во 12, Вардар во два, а еден меч завршил без победник. Притоа Шпанците постигнале вкупно 461 гол (30,7 во просек), а примиле 375 гола (25).

– Поради моментната ситуација во која се наоѓа, Вардар станува многу опасен тим. Видовме во четврт-финалето против Сегед како се бореа во второто полувреме и знаеме дека ќе ни биде тешко на тој дуел. Ќе сториме сѐ за да го победиме – изјави капитенот на Барселона, Виктор Томас. 


Aрпад Штербик може да влезе во елитна листа

Голманот на Веспрем, Арпад Штербик, може да влезе во престижната листа ракометари што со три различни клуба станале европски шампиони. Доколку Веспрем стигне до својата прва европска круна, Штербик ќе биде петтиот ракометар во историјата што со три клуба станал првак. Тој зад себе има четири титули, три со Суидад Реал и една со Вардар.
Елитното друштво ракометари со три титули со три клуба го сочинуваат Сергеј Рутенка (една со Целје, две со Барселона и три со Суидад Реал), Урош Зорман (по една со Целје и со Киелце и две со Суидад Реал), Никола Карабатиќ (по една со Монпелје, Кил и со Барселона) и Хавиер Омбрадос (по една со Сантандер, Портланд Сан Антонио и три со Суидад Реал).


Парондо и Дејвис во трка по рекордот на Душебаев

Доколку Вардар триумфира на фајналфор-турнирот во Келн, тренерот на вардарци Роберто Гарсија Парондо ќе биде вториот, по Талант Душебаев, на кој му успеало да стане европски шампион и како играч и како тренер. Парондо зад себе има две шампионски титули како играч со Суидад Реал. Душебаев, пак, има една титула како играч, со Сантандер, и четири како тренер, три со Суидад Реал и една со Киелце. На оваа листа може да влезе и тренерот на Веспрем, Давид Дејвис, кој има три титули како играч на Сиудад Реал.


Фабрегас во обид да го стигне Чупиќ

Пикерот на шпанскиот првак Барселона, Лудовик Фабрегас може да биде вториот ракометар, по Иван Чупиќ, што две сезони по ред ја освоил Лигата на шампионите. Хрватскиот репрезентативец Чупиќ првата титула ја освои со полски Киелце во 2016 година, а следната година со Вардар. Французинот Фабрегас минатата сезона стана шампион со Монпелје од Франција.


Четврти фајналфор со тимови од четири земји

Годинашниот фајналфор-турнир во ракометната Лига на шампионите ќе биде четврти на кој ќе учествуваат клубови од четири земји, и тоа Вардар од Македонија, Барселона од Шпанија, Веспрем од Унгарија и Киелце од Полска. Претходно тоа беше случај на фајналфор-турнирите во 2015 година (Барселона, Веспрем, Киелце и Кил), 2016 (Киелце, Веспрем, Кил и ПСЖ) и во 2017 (Вардар, Веспрем, Барселона и ПСЖ). Та.Д.


На првиот фајналфор учествуваа дванаесетмина што и годинава ќе бидат во Келн

Осум ракометари што беа дел од првиот фајналфор-турнир од Лигата на шампионите (ЛШ) во Келн во 2010 година ќе бидат дел и од годинашниот десетти завршен турнир, за сезоната 2018/2019. На првиот фајналфор во Келн играа и четворицата тренери што идниот месец ќе ги водат четирите екипи во завршната трка за титулата европски првак, двајца од нив тогаш како играчи.
На првиот фајналфор играа Тимур Дибиров и Данил Шишкарев (двајцата сега се во Вардар) за Чеховски Медведи, Ласло Наѓ (Веспрем) и Виктор Томас (Барселона) за Барселона, Хулен Агинагалде (Киелце) и Арпад Штербик (Веспрем) за Суидад Реал, а Арон Палмарсон (Барселона) и Момир Илиќ (Веспрем) како дел од Кил.
Чави Пасквал и тогаш беше на чело на Барселона, а Талант Душебаев сегашниот тренер на Килеце беше кормилар на Суидад Реал, во чии редови како играчи беа Давид Дејвис, сегашен тренер на Веспрем, и Гарсија Парондо, тренерот на Вардар. Та.Д.