Одѕивот на „жолтите елеци“ во Франција ги достигна најниските бројки оваа сабота, неколку дена откако се случија немирите на протестот за време на прославувањето на „Први мај“, денот на работниците, пренесува „Јуроњуз“.
Малата бројност на демонстрантите во 25-тата недела од започнувањето на протестите на „жолтите елеци“ претставува мало олеснување за францускиот претседател Емануел Макрон, кој минатата недела даде серија политички предлози за решавање на поставените барања од демонстрантите.
Околу 18.900 демонстранти зедоа учество во најновите протести оваа недела, помалку во споредба со минатонеделниот протест во кој учествуваа околу 23.600 демонстранти, информираат од Министерството за внатрешни работи на Франција.
Во Париз бројката на демонстрантите изнесуваше 1.460, наспроти 2.600 демонстранти од минатата недела.
– Многумина од демонстрантите беа шокирани од насилствата кои се случија за време на протестот на 1-ви мај. Затоа одѕивот е помал од претходните недели – изјави за „Ројтерс“ еден од демонстрантите во Париз.
Дел од „жолтите елеци“ се приклучија и на протестот против климатските промени кој се одржа во градот Мец, каде што се состанаа министрите за животна средина од Г-7, а нивната бројка изнесуваше околу три илјади демонстранти.
„Жолтите елеци“, кои се во недостиг на добра лидерска структура, велат дека предлозите на претседателот Макрон кои биле понудени минатата недела, а кои вклучуваат намалување на даноците со вкупна висина од околу пет милијарди евра не биле доволни.
Протестите, именувани по жолтите елеци за видливост кои ги носат работниците, започна со зголемувањето на данокот за гориво, а премина во насилни протести и судири со полицијата против политичарите и владата која според нив е „надвор од допир со реалноста“.