Во вториот круг од претседателските избори, до 10 часот одзивот на граѓаните во општините Кичево и Македонски Брод е нешто помал за разлика од првиот изборен круг, додека во општина Пласница одзивот на гласачите е нешто поголем.

– Во нашата општина сите 115 избирачки места се отворени навреме и започнато е гласањето. Одзивот на граѓаните е нешто помал за разлика од првиот круг и до 10 часот во нашата општина гласале 1.299 граѓани или 2,58 отсто, споредено со првиот круг кога во истиот период гласале 1.577 граѓани или 3,14 отсто. Според наши проценки излезноста е нешто помала од причина што времето е врнежливо и за очекување е како што ќе одминува денот, така и излезноста да биде сѐ повисока – рече Антигона Сефери, претседателка на ОИК за општина Кичево, каде на единствениот избирачки список се запишани  50.351 граѓанин и е една од поголемите во земјава.

Во општината Македонски Брод до 10 часот гласале 478 граѓани или 9,6 отсто, што е помалку за речиси 1 процент во однос на првиот изборен круг.

Во општина Пласница до 10 часот се изјасниле 128 граѓани или 2,5 отсто што е за 1 процент повеќе споредено со првиот изборен круг.

З.А.