Уникатен настан, каков што беше и самиот Горан Стефановски, ретко убава и суштинска средба што ќе се ќе памети, како и сето она што ни го остави во наследство овој голем автор, прекрасно е што на ваков начин му оддаваме почит на големиот писател… Ова се само некои од впечатоците на дел од присутните скопјани, кои во саботата напладне, денот кога Горан ќе наполнеше 67 години, во Дебар Маало, на платото спроти кафеаната „Идадија“, го славеа животот на големиот македонски драмски писател. Настанот беше инициран од неговото семејство, од МАНУ и од општината Центар, а оваа локацијата беше избрана бидејќи Дебар Маало беше духовно, животно и книжевно прибежиште на Стефановски.
Сопругата Патриша, синот Игор и ќерката Јана Стефановски со децата, братот Влатко Стефановски со синот Јан, чичкото Ристо Стефановски и други членови на потесното семејство, како и голем број негови пријатели, студенти, соработници, присуствуваа на оваа средба за незаборав. Беа изложени плакати од негови претстави, на видеобимот слушавме извадоци од негови интервјуа, се слушаа негови омилени песни, а глумците што играа во неговите претстави кажуваа монолози, беше прочитано и писмото што ѝ го напишал на внуката Калина, а многумина споделија и сеќавања поврзани со Горан Стефановски.
Ниту дождот што почна да врне, не ја прекина манифестацијата насловена „Прослава на животот на Горан Стефановски“.
Професорката на Факултетот за драмски уметности, Синоличка Трпкова, говореше за работата на „Бушав буквар“, вториот дел од „Бушава азбука“, голем проект што Горан го создал и ја направил првата верзија на првите 15 епизоди, своевидно продолжение на култната серија со која израснаа многу генерации.
Беше насаден и јавор во негова чест во блиското паркче, а претседателката на Советот на општината Центар, Јана Белчева, објави дека на метална клупа, во човечка големина ќе биде излиена фигурата на Горан. На клупата ќе има место за секој што ќе сака да седне и да сподели некоја приказна со него.
Стефановски почина лани во ноември по кратко боледување на 66-годишна возраст во Кентербери, Велика Британија. За дописен член на МАНУ беше избран во 2004 година, а беше и долгогодишен член на Македонскиот ПЕН-центар. Стефановски беше професор на Факултетот за драмски уметности, а од 2000 година – професор на Универзитетот во Кент, Англија.