Фото: Дарко Андоновски

Од тоа кога ќе падне Велигден зависи и датумот на празнување на Вознесението Христово, Спасовден, и на Слегувањето на Светиот дух врз апостолите, Духовден

Христовото воскресение, Велигден, е најголемиот христијански празник. На овој ден се случило воскресението на Господ Исус Христос, со што, според теолозите, спасителот ја извојувал најголемата победа за луѓето, победата над гревот и смртта. Ова е значењето на празникот што православните верници ќе го празнуваат во следните денови. Според свештениците на Македонската православна црква, празникот, поради својата торжественост, се празнува три дена.

– Овој празник уште се нарекува и Пасха, новозаветна Пасха, како вистинско остварување на старозаветната Пасха. Зборот „пасха“ во превод значи „премин“ – премин од смртта кон вечниот живот. Од тоа кога ќе падне Велигден, зависи и датумот на празнување на Вознесението Христово, Спасовден, и на Слегувањето на Светиот дух врз апостолите, Духовден – објаснуваат теолозите.

Посочуваат дека пред празникот Воскресение, односно Велигден, христијаните се подготвуваат со пост, кој трае седум недели и целиот овој период.
– Иако луѓето сѐ уште умираат и ќе умираат до крајот на светот и времето, сепак, смртта веќе нема власт над човечките души за да ги држи во адот, туку луѓето, доколку живееле правилен и добродетелен живот, воскреснуваат за трајна заедница со Бога. Воскресението Христово и неговото доаѓање во светот биле проречени уште во Стариот завет. На овој настан му претходеле многу други случувања: торжественото Христово влегување во Ерусалим, што го празнуваме на Цветници, Тајната вечера, за која се сеќаваме на Величетврток, Христовото распнување и погребение, кое го одбележуваме на Велипеток-додаваат богословите.

Според нив, најважно е дека тој отсекогаш ја имал истата смисла и цел -патување од распетие кон воскресение – распнување и погребување на стариот човек во нас, преполн со грешни навики и воскресение во нов, обновен човек, соединет со Христос непорочното јагне, преку причестувањето со неговата крв и неговото распнато и воскреснато тело.

– Ако со Христа се распнавме, со Христа и ќе воскреснеме – истакнуваат теолозите.
Тие порачуваат дека верниците деновите пред Велигден треба да присуствуваат во храмовите на богослуженијата, кои ќе ги внесат во евангелските настани со страдањата Христови – осудувањето, тепањето, затворот, распнувањето и смртта.


Се вапсуваат само црвени јајца

Црвената боја ја симболизира Христовата крв, јајцето го симболизира гробот во кој Христос бил погребан, а кршењето на јајцето го симболизира Христовото воскресение. Вака теолозите ги објаснуваат значењето и традицијата на вапсување јајца за време на велигденските празници.

– Како што од јајцето излегува плодот, кој носи живот, така и од гробот излегува оној што е самиот живот. Кога се удираме со јајцето, велиме „Христос воскресна“, а отпоздравуваме со „Навистина воскресна“. Воопшто не е важно чие јајце ќе биде најсилно, повеќе е важно да се скрши – зашто на тој начин го симболизираме Христовото воскресение – објаснуваат теолозите.
Според нив, јајцата не се јадат по кружењето околу црквата, туку по литургијата.