Од руски твитер-профили објавувани се пораки за поддршка на опозициската Лабуристичка партија во обид да се влијае врз минатогодишните парламентарни избори во Велика Британија, покажува истражувањето на Универзитетот Свонси и „Сандеј тајмс“.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека од околу 6.500 автоматски профили се испраќани пораки со поддршка за лидерот на лабуристите, Џереми Корбин и неговата политика.
Исто така во пораките е напаѓана британската премиерка Тереза Меј, бидејќи одбила да учествува во изборната телевизиска дебата, како и за намалување на бројот на полицајци по бомбашкиот напад во Манчестер.
Истражувањето покажува дека девет од десет пораки биле за лабуристите и критички настроени за конзервативците.
– Новите откритија се исклучително загрижувачки. Апсолутно е неприфатливо која било земја да се обидува да се меша во демократските избори на друга земја – изјави британскиот министер за култура Мет Хенкок.