Околу 40 ентузијасти, планинари од Македонија, денеска учествуваа на првата планинска трка „Козјак вертикал“ во организација на прилепското Здружение за атлетски планински спортови „Единак“. Учесниците ја трчаа иако кратката, но напорна планинска патека во должина од 3,7 километри со висинска разлика од 1050 метри.
Според Александар Војнески од здружението „Единак“, идејата е што патеката е идеална за планинско трчање и одење и е ново искуство за ентузијастите.
-Оваа година првпат се организира планинската трка „Козјак вертикал километар“ во организација за Здружението за атлетски планински спортови „Единак“ од Прилеп. Станува збор за трка од кратка дистанца од 3,7 километри. Се движи по самиот срт на падината под Козјак со позитивна искачувачка денивелација од 1050 метри. Ова е интензивна трка на каменест терен, претежно стрмен. Доста напорна, што значи не е само трчање, туку е во комбинација со брзо одење. Ни се допадна теренот. Идејата е да направиме планинска трка од оваа страна на Козјак, да го популаризираме овој дел, зашто од другата е планинската трка „Крали Марко треал“ – објаснува Војнески.
Идејата е од членот на здружението Александар Стојкоски по повеќето тренинзи на оваа патека.
-Во моментов во Македонија се три вертикали: Трипашина, Чупино и еве овој, Козјак вертикал. Атрактивни се поради стрмнината и искачувањето. Колку повеќе искачување на помала должина, поатрактивно е – додава Стојкоски.
Мери Мирческа, која е дел од организацијата и учесник на трката, вели дека македонскиот планински предел е идеален за вакви трки, а прилепскиот регион ја дал првата планинска трка, воопшто во Македонија. патеката е многу напорна, а времето идеално за врвни резултати.
-Релјефот, глобално, во цела Македонија е атрактивен за планински трки, бидејќи висината на планините е до околу 2 500 метри и е идеална висина за трчање на планина. Прилепскиот регион е посебно атрактивен каде се организираше и првата планинска трка, воопшто, во Македонија. Втора трка е Момата. Конфигурацијата на теренот, непристапноста ја прави оваа трка посебно атрактивна.Трката е тешка, би рекле, брутална, теренот е карпест, мора да се внимава и не смее да се направи ниту една грешка. Временските услови се одлични и тркачите нема да страдаат од дехидрирање и може да се постигнат одлични времиња. Во машка конкуренција очекуваме трката да се заврши за околу 45 минути, а во женска за повеќе од еден час.
Учесниците од повеќе градови нагласуваат дека е ова ново искуство, атрактивни се теренот, дружењето, авантуризмот. Овој вид трки се тренд во светот, а последните години и во Македонија.
-Дојдов уште вчера за оваа трка. „Козјак вертикал“ е една од планинските трки во Македонија кои имаат се поголем подем. Трендот во светот постои од поодамна, кај нас во последните години се побројни ваквите трки и се убав начин да се доживее природата од друг агол. Верувам повеќето кои не се од Прилеп, никогаш не го искачувале Козјак од оваа страна – вели Марјан Бонев од Велес.
-Би рекол „растеме“ во поглед на планинските и на градските трки и претежно е рекреативно. Ова е мое седмо учество на трка, а трета планинска. Атрактивни се дружбата, оваа планинска убавина, авантуристичкиот дух на тркачите, смета Мијалчо Андоновски од Велес.
Викторија Николовска од Кичево е млад ентузијастичен планинар: -Имам 18 години. Ова ми е петти натпревар и со планинско трчање се занимавам речиси една година. Атрактивно е што сме на чист воздух, дружењето, позитивните работи. Имам трчано на асфалт, но ова ми е полесната страна во трчањето, рече Николовска.
Прилепскиот регион останува меѓу најатрактивните во земјава за планински трки и маратони.