Четвртфиналистите во Лига Европа играат и за пласман во Лигата на шампионите, но Челси, Наполи, Бенфика, Ајнтрахт, Арсенал и Валенсија во домашните првенства веќе се или се блиску до позиции што носат пласман во најсилното клупско натпреварување
Осум тима останаа во трка за трофејот во Лига Европа, кој за победникот ќе донесе и директно место во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) за идната сезона. Првите дуели од четврт-финалето на програмата се денеска од 21 часот. Англискиот премиерлигаш Арсенал, чиј член е македонскиот репрезентативец, голманот Дејан Илиев, ќе игра дома со Наполи во првиот меч од четврт-финалето. Во оваа фаза ќе има дуел на двете шпански екипи, Вилјареал и Валенсија, а вториот англиски тим меѓу осумте најдобри, Челси, гостува кај Славија. Уште играат и Бенфика – Ајнтрахт.
Од четвртфиналистите на позиции во домашните првенства што водат во групната фаза на ЛШ идната сезона сега се четири тима, а еден е на место на табелата што обезбедува плејоф. Според пласманот на табелите, до викендов место во групната фаза идната сезона би обезбедиле Челси (трет е во Англија), Наполи (втор во Италија), Бенфика (води во Португалија) и Ајнтрахт (четврти во Германија). Славија Прага, пак, е прва во Чешка, но шампионот на таа земја ќе игра во последното квалификациско коло идната сезона.
Од другите, Валенсија е на четири бода до четвртото место во Шпанија, на кое сега е Гетафе. Вилјареал е во единствена ситуација, да стане победник на Лига Европа, но и да испадне од шпанската лига, оти со 30 бода сега е на 18-то место во лигата со 20 тима и од која испаѓаат последните три. Арсенал е петти во Англија со еден бод помалку од четвртопласираниот Тотенхем. Наполи, Бенфика и Валенсија сезонава играа и во ЛШ, но како третопласирани во групите се префрлија во ЛЕ.
Ако победникот во Лига Европа се квалификува за групната фаза на Лигата на шампионите и преку домашното првенство, тогаш место во групите во ЛШ идната сезона ќе добие и тим од друга земја, според пласманот на листата на УЕФА, а тоа е Франција (третопласираниот тим), велат од УЕФА. Ако победникот на ЛЕ не е меѓу екипите што од дома обезбедиле место во ЛШ, тогаш од таа земја ќе има еден тим повеќе од претходно предвиденото.
Лига Европа ќе има нов победник, оти ланскиот, Атлетико Мадрид, сезонава настапуваше во Лигата на шампионите, од каде што беше елиминиран во осминафиналето. Од четвртфиналистите сезонава, Арсенал победи во Лига Европа (тогаш со име Куп на УЕФА) во 1970 година, Наполи славеше во 1989 година, а трофеј во ова натпреварување освоиле и Валенсија (1962, 1963, 2004), Ајнтрахт (1980) и Челси (2013). Бенфика играше во три финалиња (1983, 2013 и 2014). Најголеми успеси на Славија и на Вилјареал во ова натпреварување се настапите во полуфиналето, и тоа Славија во сезоната 1995/96, а Вилјареал во сезоните 2003/2004, 2010/2011 и 2015/2016.