По петгодишно отсуство од големото платно, глумицата Лив Тајлер му се врати на филмот. Таа толкува една од главните улоги во хорор филмот „Ѕвер“. По урнекот на полуланиот филмски серијал за вампири „Самрак“, оваа нова филмска хорор фантазија е за тинејџерка, чиј живот се менува од корен кога ќе ја открие тајната на своето трауматично детство. Всушност филмот е приказна за врколаците, толку пати видена на филм.
„Ѕвер“ ја имаше светската премиера на 19 април. Станува збор за дебитантско остварување на германскиот режисер Фриц Бом, кој заедно со Флоријан Едер го напиша сценариото.
Главната улога ѝ е доверена на ѕвездата од филмот „Дневникот на една тинејџерка“, Паула Бел. Таа ја игра Ана, тинејџерка, која целиот живот го минува под будното око на мистериозен човек, кој ѝ се претставува како татко. Всушност, тој од Ана го криел нејзиното потекло и ја чувал заклучена на таванот на една зафрлена куќа, всадувајќи кај неа страв од ѕвер, чудовиште што скита во шумата и јаде деца. Кога Ана полни 16 години ја пронаоѓа локалната полициска началничка од блиското гратче, Елен Купер, лик што го толкува Лив Тајлер, која ѝ помага да ги заборави траумите и да почне нов живот.
Со помош на симпатичното момче Реј, Ана повторно може да ужива во убавините на тинејџерскиот период. Меѓутоа, како што таа станува зрела девојка, така кај неа се враќаат траумите од детството….