Италија ја совлада Финска со 2-0 по што и натаму останува непобедена на домашен терен во 21 век, со ефект од 36 победи и 11 ремија

Италија ја оправда фаворитската улога совладувајќи ја Финска во Удине со 2-0, во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2020 година. Ова беше прв триумф по седум меча на домашен терен за „аѕурите“, и втор од вкупно 18-те натпревари, на кој постигнуваат повеќе од еден гол (по речиси двегодишна пауза). Моис Кин, напаѓачот на Јувентус, стрелецот на вториот гол во 74-та минута, е вториот најмлад фудбалер (на 19 години и 23 дена) што постигнува гол за Италија, по Бруно Николе во 1958 година, на возраст од 18 години и 258 дена. Трет во таа категорија е легендарниот Џани Ривера, со постигнат гол на 19 години и 103 дена.

Италија со оваа победа и натаму останува непобедена на домашен терен на 47 натпревари во 21 век, со ефект од 36 победи и 11 ремија.

Трикратниот европски првак Шпанија (1964, 2008 и 2012-та) потешко од предвидувањата успеа да ја совлада Норвешка во Валенсија, со 2-1 во првото коло, група Ф. Победоносниот гол во 71-та минута од паненка-пенал го даде капитенот Серхио Рамос, 18-ти за него на 162 натпревара за „црвената фурија“. За Норвежаните израмнувачкиот гол го постигна Џошуа Кинг во 65-та минута, исто така од пенал, прв што го прима Шпанија на домашен терен од белата точка, од Македонија, поточно од Агим Ибраими, во Валенсија 2014-та, на мечот што Шпанците го добија со 5-1.
Малта по 12 години и 30 одиграни натпревари конечно забележа победа во квалификациите за ЕП, над Фарските Острови, 2-1. Со идентични 2-1 заврши и третиот натпревар во групата Ф, меѓу Шведска и Романија во Стокхолм.

Во групата Ј, на мечот одигран на стадионот „Грбавица“ во Сараево, Босна и Херцеговина ја совлада Ерменија со 2-1, на 100-от јубилеен меч за Един Џек, кој стана првиот босански играч со трицифрена бројка одиграни репрезентативци натпревари. Но како и капитенот на Македонија, Горан Пандев на средбата со Летонија (3-1), и Џеко не успеа да постигне гол и на тој начин да го прослави јубилејот.

Англија ја декласира Чешка на Вембли со 5-0. Рахим Стерлинг, напаѓачот на Манчестер сити, потврди дека е во фантастична форма постигнувајќи хет-трик. Англиските медиуми освен што ја величаат победата, акцент ставаат и врз младоста на репрезентативниот состав во кој шестмина од првите 11 имаа 24 и помалку години. Стерлинг (24), Деле Али (22), Бен Чилвел (22), Даклан Рајс (20), Џејдон Санчо (18) и Калум Хадсон – Одои (18). Покрај погоре споменатите треба да се додадат и Маркус Рашфорд, Трент Александар-Арнолд, Џое Гомез, Лук Шо и Џон Стоунс, кои се речиси на иста возраст и доколку не беа повредени веројатно ќе беа во почетниот состав.


Украина го запре европскиот првак Португалија

Бранителот на титулата од ЕП 2016-та, Португалија, не успеа да ја совлада Украина во Лисабон, одигрувајќи без голови, 0-0. Португалците првпат по 18 меча не постигнаа гол на домашен терен. Украинците предводени од Андриј Шевченко како селектор, имаат претрпено само еден пораз на последните три средби на гости. За нивната цврстина и дисциплинирана игра во одбраната сведочи и податокот дека на само три од последните 23 меча примиле повеќе од еден гол.
Светскиот првак и европски вицепрвак, Франција, без многу мака стигна до премиерната победа во квалификациите (група Х) совладувајќи ја Молдавија на гости во Чисинау, со 4-1.