Повисоки цени на становите во наредниот период поради постојаниот раст на трошоците за градежни материјали и за вработените, очекува Градежната комора при Сојузот на стопански комори.
– Ако сакаме, а мораме да градиме квалитетни станови, факт е дека цената ќе оди во нагорна линија, а колкав ќе биде процентот ќе покаже пазарот и тоа е реалноста- рече денеска на прес-конференција Ивица Јаќимовски, претседател на Градежната комора при ССК.
Како што потенцираше, постојаниот раст на трошоците за градежни материјали и за вработените во градежните компании, го диктира и растот на цената на квалитетните станови и во следниот период нема да може да се понуди квалитетна градба по пониски цени.
Последните податоци на Државниот зваод за статистика, посочи Јаќимовски, ја потврдуваат состојбата и покажуваат дека трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување во четвртиот квартал лани во однос на истиот квартал од 2017 година се повисоки за 5,9 проценти, трошоците за материјали се зголемени за 3,2 отсто, а за вработените за 13 отсто.
– Поскапувањето е регистрирано во трите сегменти и точно едека има поскапувања во сите сегменти за изградба на квалитетени станови, кои се енергетски ефикасни, асеизмички стабилни. Ако го споредиме сегашниот период во однос на лани, може да зборуваме за поскапување на сите градежни материјали меѓу 10 и 15 проценти- наведе Јаќимовски.
Зголемувањето на трошоците е резултат на порастот на цената на енергенсите и транспортот и за материјалите што се увезуваат и за тие од домашно производство. – Ако во изминатите години, исклучувајќи ги последните две во делот на високоградбата имаше континуитет и стабилност, во сегашните услови на правна неизвесност инвеститорите не с ево можност да инвестираат. Она што може да очекуваме во следниот период е дека нема да може да се понуди квалитетна градба по пониски цени, бидејќи растот на трошоците го диктира и растот на цената на квалитетните станови, рече претседателот на Градежната комора.
Како што укажа, користењето квалитетни материјали, со примена на најновите трендови за изградба на енергетски ефикасни станови со врвен квалитет, чинат повеќе, но долгорочно значат двојна заштеда.
– Во чекор со светските достигнувања во градежништвото, неопходно е следење и имплементација на најновите технологии и стандарди во насока на зголемување на конкурентноста и квалитетот на градбата. Сето тоа чини, време, средства и труд. Цената на становите во иднина ќе се движи во нагорна линија и тоа зависи исклучиво од квалитетот на градбата, локацијата, инфраструктурата и поволниот деловен амбиент- рече Јаќимовски.
Тој потсети и дека минатата година беше една од најлошите за градежништвото, сектор од чиј долгорочен развој зависи растот на 26 стопански гранки и на целата економија.