Модерна јавна администрација насочена кон граѓаните, да се скрати времето на чекање за потребен документ, дигитализација на поголем број услуги, како и воведување електронски документи, се во фокусот на јавната дебата „Како до подостапни и поквалитетни услуги ориентирани кон граѓаните“, што се одржува денеска во Скопје.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски истана дека заложбите на Министерството се да се создаде лесно достапна и професионална администрација, да се намалат редовите на чекање, фрустрациите од долгите бирократски процеси, и да се скрати времето на одење од една до друга институција за да се добијат сите потребни услуги.
Посочи дека во 21 век сепак дигитализацијата на услугите е најдобриот начин за да се промени изгледот на јавната администрација, да се донесат услугите до граѓаните, и конечно, како што рече, да имаме администрација што ќе биде сервис на граѓаните.
– МИОА работи на повеќе паралелни процеси кои подразбираат модернизација на јавната администрација. Тоа го правиме со отворање на салата за услуги во Скопје. Понатаму, овој проект ќе се пренесе и во другите градови низ земјата со отворање на центрите за „Една точка за услуги“. Овие канцеларии ќе бидат место каде граѓаните ќе можат да добиваат услуги од најмалку девет различни институции. Оваа година ќе ги отвориме центрите во Куманово, Тетово, Охрид и Битола. Следната година во останатите градови, рече Манчевски.
Најави дека во следниот период ќе биде пуштен во употреба новиот национален портал за е-услуги, а тоа ќе значи дека граѓаните ќе можат само со неколку клика да добијат голем број на услуги.
– За да ова биде возможно обезбедивме и законска основа. Владата ги усвои трите закони кои овозможуваат документите на хартија да бидат заменети со електронски документи. За прв пат во Северна Македонија, електронскиот документ има еднаква важност како хартиениот. Во овој момент законите се во собраниска процедура и очекуваме до крајот на месецот да бидат усвоени, истакна тој.
Додаде дека станува збор за Законот за централен регистар на население, Законот за електронско управување и електронски услуги и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.
Истакна дека Законот за електронско управување и електронски услуги го дефинира и Каталогот на услуги и Националниот портал за електронски услуги, кои, посочи, ќе имаат повеќе функционалности и ќе ги содржат сите потребни информации за сите услуги кои ги нуди јавниот сектор.
– Последниот закон со кој се дефинира и целосно обезбедува дигитализација на услугите е Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Обезбедивме технологија и законска основа за електронските документи да имаат иста правна и доказна сила како документите во хартија. Се што треба граѓаните да направат е само еднаш и единствен пат во животот да се регистрираат во системот. Тоа ќе можат да го направат сами, без физички да треба да одат некаде, доколку поседуваат валиден електронски сертификат или на шалтерите кои ќе бидат овластени за регистрација, наведе Манчевски.
Министерот додаде дека Каталогот на услуги е алатка во која се внесуваат основни податоци за секоја услуга и оти тоа е основата, темелот, првиот чекор за дигитализацијата на услугите.
– Затоа од суштинско значење е Каталогот што побрзо да профункционира. За таа цел заедно со Центарот за управување со промени, предвидовме и работилници и практичен дел на денешниот настан. Да може да ги отворите сите нејасни прашања и дилеми и да може да продолжиме со ефективна работа, заклучи Манчевски.
Ричард Малион од британската амбасада во Скопје истакна дека се во нашиот живот е поврзано со услугите, а нивната дигитализација во голем дел тоа го олеснува, затоа што граѓаните имаат потреба од брзи услуги, и со еден клик да можат да ги извадат потребните документи.
Истакна дека Велика Британија и Северна Македонија станаа дел од едно партнерство, засновано во 2011 година, чија цел е да се има поотворена Влада која ќе одговара на интересите на граѓаните и оти Британија ќе продолжи да ја помага Владата да има поотворен пристап кон јавните услуги, а тоа е нивна дигитализација.
– Најважно и за граѓаните е да се штеди на време, тоа е единствено нешто што е бесценето во нашите животи. Премиерот Зоран Заев и министерот Манчевски ги отворија првите контакт точки во февруари, и ова е еден нов бран за полесен пристап кон услугите за граѓаните, рече Малион.
Дебатата е организирана од Центарот за управување со промени (ЦУП) и Асоцијацијата Зенит во рамки на проектот „Граѓански ориентиран пристап при испорака на јавни услуги“, финансиран од ЕУ и кофинансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на британската амбасада во Скопје.