Од денеска започна исплатата на обештетувањата од временските непогоди што се случија во 2017 година. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, денеска исплати близу 85 милиони денари по основ на обештетувања за 2.355 земјоделци во Ресен, како регион каде што имаше најголеми штети, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водстопанство.
Исплатата ќе продолжи континуирано во следните денови и за останатите региони кои беа погодени од временските непогоди во 2017 година,
Со исплатата ќе бидат опфатени сите 17.500 баратели кои претрпеле загуби во текот на сите пет временски непогоди што се случија минатата година и од сите региони кои беа зафатени со временските непогоди. Вкупната сума која што ќе се исплати по основ на претрпени загуби од петте временските непогоди е во износ од над 4 милиони евра.
Станува збор за временските непогоди што се случија во април, две временски непогоди во јуни, јули и септември 2017 година, проследени со обилни дождови, пороен дожд, силен ветер, електрични празнења, град. Со временските непогоди беа зафатени вкупно 36 општини.