Високите температури кои деновиве владеат со земјава предизвикаа забрзано топење на снегот на планините, а како резултат на интензивното топење на белата покривка, за краток период се зголеми штедроста на изворот Студенчица. Од претходно измерените 600 литри вода во секунда, денес се бележат 1000 литри.
– Како што се очекуваше, екстремно високите температури кои деновиве владеат во земјава, предизвикаа забрзано топење на снегот на планините и како придобивка од топењето на белата покривка е зголемената штедрост на изворот Студенчица. Од минималните 600 литри вода во секунда измерени пред три седмици, денес на изворот се бележат 1000 литри, што ни овозможи барем во еден пократок период да не размислуваме на водена криза. Но и покрај топењето на снегот и неговите резерви на планините, сепак доколку нема врнежи од дожд оваа пролет, може да очекуваме за еден месец до месец и половина, штедроста да опадне и пред време да стравуваме дека ќе се случи водена криза – вели Гоце Наќески од ЈПВ Студенчица.
Тој додаде дека во текот на денешниот ден распределбата на вода од овој хидросистем е следната: Кичево добива 200 литри, кон Прилеп и останатите водокорисници се упатуваат 380 литри од кои само градот Прилеп добива 250 литри, кон РЕК Осломеј и селата се испорачуваат 60 литри, додека преостанатите 330 литри се испуштаат во реката, што придонесе река Студенчица да има полно корито со вода, што не беше случај пред три недели, кога речното корито беше речиси пресушено.
– Полното речно корито ќе овозможи мрестот на пастрмката да се одвива нормално и биодиверзитетот на бистроводната река да биде во склад со природните законитости – дополни Наќески.
Инаку, годинава шредроста на изворот од овој хидросистем е најмала во последната деценија.