Беше пролет, а полето
во радост и врева.
Јас сум седнал на лединка –
на зелена трева.
Па загледан в зеленото
на пролетта чиста,
забележав детелинка –
со четири листа!?
Така нежна, така мила,
трепкаше на денот,
(ќе помине косач некој,
та ќе стане сено).
Жал ми беше таква судба,
неа да ја снајде –
и си реков:
– Детелинке, со мене ти ајде.
Потем, нежно ја пресадив,
в саксија за цвеќе,
таа беше украс убав,
а јас многу среќен.
И сега е во споменот,
таа сосем иста.
јас си имам детелинка –
со четири листа!?
Наум Попески