Американците ја усовршуваат стелт-технологијата како одговор на модернизацијата на противвоздушните ракетни системи на нивните ривали
Новите адути на американската и на руската армија
Иако некои воени аналитичари сметаат дека стелт-технологијата полека застарува, мнозинството експерти што учествуваат во развојот на најсовремените оружја на американската армија нагласуваат дека таа во наредните години ќе продолжи да се усовршува и ќе биде уште потешко да се уништува, пишува американски „Нешнел интерест“.
Руските системи за противвоздушна одбрана „с-300“ и „с-400“ користат напредна технологија за пренос на податоци за следење и соборување непријателски цели на големи растојанија. Новите системи исто така користат многу поширок опсег на фреквенции што им овозможува полесно да ги детектираат и најсовремените оружја. На пример, за новиот руски систем „с-500“ се верува дека има уште посовремени капацитети што можат да одговорат на стелт-технологијата на американските летала. Многумина се согласуваат дека новите системи ги намалуваат шансите стелт-леталата да останат целосно „невидливи“, но аналитичари што учествуваат во развојот на оваа технологија нагласуваат дека постојат повеќе причини зошто е многу тешко, па дури и невозможно, да се лоцираат и да се уништат стелт-авионите.
– Радарот може да помогне да се открие стелт-леталото. Но за да се пресретне „невидливиот“ авион, потребен е пренос на податоци од поголемиот радар што го лоцирал авионот, до помалиот радар-пресретнувач на летало или на ракета што ќе може постојано да го следи и да го има на нишан „невидливиот“ авион. При преносот на податоци, стелт-леталото може да го открие и да стрела кон пресретнувачот, што значи дека драматично се намалуваат шансите тоа да биде уништено – вели пензионираниот генерал Дејвид Дептула.
Експертите на американските сили, кои развиваат стелт-технологии, ги имаат предвид сите можни предности и недостатоци на непријателските системи. На пример, воздухопловните сили на САД годинава извршија ревизија на дизајнот на новата генерација бомбардери „б-21“ за да ја подобрат стелт-технологијата. Стелт-технологијата функционира на тој начин што авионот се дизајнира со специјални надворешни контури и капацитети за намалување на емисијата на топлина за да се намалат шансите да биде откриен од непријателските радарски системи. Отсуството на остри рабови, забележливи емисии на топлина, оружја што висат од леталото или други лесно препознатливи карактеристики, значи дека радарските системи тешко можат да го откријат авионот. Кога станува збор за стелт-авионите, радарските сигнали се премногу мали, ги нема или не забележуваат авион. На пример, „невидливиот“ авион од непријателскиот радар може да биде регистриран како птица или инсект, пишува „Нешнел интерест“.
Имајќи предвид дека американските ривали континуирано ги модернизираат противвоздушните системи, што ги зголемува шансите за откривање на стелт-авионите, американските воздухопловни сили постојано внесуваат новини во технологијата за да ги намалат ризиците. Тие вклучуваат разни стелт-конфигурации, посебни материјали за одбивање на радарските сигнали, капацитети за намалување на топлинските траги или за блокирање на електронската комуникација на непријателот, како и можности за оперирање во потешки временски услови или во тандем со конвенционални авиони за да се зголеми „невидливоста“ на леталата. На пример, велат експертите, објавените илустрации од бомбардерот „б-21“ покажуваат оти во дизајнот се избегнати вертикални површини за контрола на летот, како опашки, кои ги зголемуваат шансите авионот да биде откриен од непријателските радари. Стелт-ловците како „ф-22“ или „ф-35“, пак, имаат друга конфигурација и зависат од опашки или од помали крилја. Поради таквиот дизајн, тие мора да се потпрат на брзината, маневарските способности и на оружјата за да се одбранат од непријателите и се генерално „повидливи“ од бомбардерите како „б-2“.
Експертите велат оти конфигурацијата на моторите и поставувањето на издувните системи на горната страна, како кај „б-2“, може значително да ги намалат термалните траги на леталата. Тие нагласуваат и дека невидливите бомбардери ќе бидат вооружени со голем арсенал на оружја со голем дострел. На пример, „б-21“ се дизајнира да носи конвенционални оружја и нуклеарни бомби. Ако има сличен арсенал како „б-2“, „б-21“ ќе може да стрела со разни нуклеарни оружја, ГПС-наведувани муниции, со новите крстосувачки нуклеарни ракети, како и со други оружја што допрва ќе бидат развивани.