САД и Јужна Кореја објавија дека повеќе нема да одржуваат големи заеднички воени вежби, кои Северна Кореја ги смета за подготовка за инвазија. Министрите за одбрана на двете земји нагласија дека со ваквата одлука се поддржуваат „дипломатските напори за постигнување целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“.
Голем број вежби беа суспендирани лани, откако американскиот претседател Доналд Трамп првпат се сретна со лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун.
Критичарите сметаат дека откажувањето на вежбите може да ги поткопа одбранбените капацитети на САД и на Јужна Кореја против Северна Кореја, додека поддржувачите сметаат дека ваквите тврдења се неоправдани.
Претседателот на САД, Трамп ,претходно се жалеше на трошоците за вежбите, иако одби да ги повлече американските сили од полуостровот, кои во моментот имаат околу 30.000 припадници, наведува Би-би-си.
Вториот самит меѓу Трамп и Ким заврши без договор минатата недела во Виетнам.
Претседателот на САД изјави дека морал да го напушти самитот зашто Севернокорејците побарале целосно укинување на економските санкции пред откажувањето од нуклеарната програма. Севернокорејскиот министер за надворешни работи, пак, изјави дека лидерот Ким побарал само делумно укинување на санкциите во замена за деактивација на главниот нуклеарен комплекс во Јонгбјон.