Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија веќе почна со издавање потврди на граѓаните за документите што порано се издадени од Министерството што не го содржат новото име на државата Република Северна Македонија. Потврдите ќе се издаваат до целосна промена на сите документи.
– Со овие потврди се валидизира важноста на документите што се презентираат во странство. Потврдите се со нов печат и новото име – Република Северна Македонија.
Потврдите се издаваат во Одделот за граѓански работи за државјани на Република Северна Македонија и лица што уживаат меѓународна заштита во земјата, а во Одделот за гранични работи и миграции за странци што по која било основа престојуваат во државата. Оваа постапка следува по конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите на Советот на безбедност на Обединетите нации, а која се однесува за престанок на важење на референцата ФИРОМ, како и уставните измени за новото име на државата Република Северна Македонија – информираат од Министерството за внатрешни работи.