Пучник (бел дрес, Металург) во дуел со Сретеновиќ (Железничар)

Македонскиот вицешампион, кој моментно ја зазема деветтата позиција на табелата, во следната рунда, в среда, му гостува на Татран Прешов

Искуството во ракометната Регионална лига (РЛ) ќе му послужи на тренерот на Металург Данило Брестовац за да ги коригира работите што ги увиде во поразот од Железничар со 25-27 во Ниш, во пресрет на предизвиците во домашниот плејоф. Промашувањата во клучните моменти, како и загубените топки, беа пресудни за поразот во неизвесниот меч од 15-та рунда, со кој беше прекината низата од две гостински победи во РЛ (Стеауа 28-26 и Извиѓач 31-30).
Дуелот беше изедначен до 18-та минута (8-8) кога домаќинот направи серија од четири гола за четири минути, за потоа да дојде до предност од пет погодоци (16-11 и 21-16). Металург во два наврата успеа да ја намали негативата на еден гол разлика, последен пат на осум минути до крајот на средбата, но немаше сили целосно да се врати во мечот.

– Најважно е што немаме повредени играчи пред плејофот. Моите ракометари не се придржуваа до договореното и на моменти беа недисциплинирани што би можело да донесе проблеми во македонското првенство. Имавме шанси, но не ги искористивме. За некои работи нема оправдување, но ни недостигаше Александер Шпенде, особено во одбраната. Имаме време да ги коригираме пропустите – посочи Брестовац.

Најефикасни кај Металург беа Марио Танкоски и Димитар Димитриоски со по четири гола, а кај Железничар се истакна Предраг Вејин со шест погодока. Македонскиот вицешампион, кој моментно е на деветтата позиција на табелата во РЛ со 10 бода од 16 одиграни средби, во следната рунда, в среда, му гостува на Татран Прешов.
Регуларниот дел од македонската Суперлига треба да заврши на 16 март, по што претставниците во РЛ, Вардар и Металург, ќе им се приклучат на најдобрите четири екипи од домашното првенство во плејофот. 


Се чека четвртиот учесник на фајналфорот

Во дерби-дуелот на 15-то коло од Регионалната лига, ракометарите на Вардар го победија хрватскиот првак Загреб со 28-26 и со 39 бода го презедоа врвот на табелата. Вардар, Нексе и Загреб се трите екипи што обезбедија учество на годинешниот фајналфор-турнир, а четвртиот патник (Мешков или Татран) ќе биде познат по одигрувањето на двете последни кола во кои Белорусите ќе имаат дуел со Загреб дома и на гости кај Нексе, а Татран ќе игра дома со Металург и на гости кај Загреб. Та.Д.