Во Младинскиот културен центар синоќа беше промовирана книгата „Дневникот на една планинарка“ од Калина Велевска, која трагично го загуби животот на планината Кајмакчалан.
Книгата се состои од избор на текстови што беа објавувани на порталот „Мис“, како своевиден дневник, а во кои Калина ги пренесуваше своите впечатоци од планинарските тури во Македонија, но и во соседните земји.
На промоцијата беа присутни многу планинари, вљубеници во природата, нејзини пријатели и најблиските.
Со многу емоции беа проследени извадоците од книгата кои беа прочитани. Во секој напишан збор од младата Калина се чувствува жарот и љубовта кон природата, планината и нејзината убавина.
– Одам на тура од која ми потскокнува срцето. Планината не прави среќни, не издигнува до облаците – пишува во книгата на Калина.
Калина Велевска (1990), дипломиран правник, вработена во Основното јавно обвинителство, трагично го загуби својот живот, заедно со Александар Миновски, на 10 февруари 2018 година на Кајмакчалан.
Книгата е во издание на „Репро принт“, издавачката куќа која го издава и дневниот весник „Нова Македонија“, каде што Велевска еден период соработуваше како новинар-почетник.