Џон Псаропулос
Најчувствителни прашања од спроведувањето на Преспанскиот договор се културолошките и ќе биде потребно време да се решат, смета грчкиот новинар Псаропулос
НАТО и ЕУ го поздравија грчкото ратификување на Преспанскиот договор на 25 јануари, со кој северниот сосед се признава под името Северна Македонија. Но договорот допрва ќе се имплементира. Во рок од пет години, Северна Македонија треба да ги преименува сите јавни органи, да ги промени внатрешните официјални документи и да ги замени сите важечки пасоши. Не е изненадување што најчувствителните прашања што произлегуваат од Преспанскиот договор се всушност културолошки.
Во рок од шест месеци, Северна Македонија мора да формира комитет за да ги ревидира спомениците и јавните институции и „нивната поврзаност со античката хеленска историја и цивилизација“ и потоа да преземе соодветни „корективни мерки“ во согласност со договорот. Ова во суштина значи дека гигантските бронзени споменици на Александар и неговите родители, кралот Филип Втори и Олимпија, мора да се отстранат. Тие беа дел од проектот за изградба на јавни објекти во вредност од една милијарда долари што го спроведе претходната националистичка влада на Северна Македонија, кој премиерот Зоран Заев јавно го критикуваше.
Лани беше формиран посебен заеднички интердисциплинарен експертски комитет за историски, археолошки и образовни прашања и сега се работи на ревидирање на учебниците, мапите и наставните насоки во Северна Македонија за да се отстранат „иредентистичките/ревизионистичките референци“ кон Античка Македонија или друго грчко наследство. Во процесот ќе се изгради нов идентитет на следната северномакедонска генерација. Нејасно е дали во современата историја е направена ваква драматична преориентација на нечиј национален идентитет.
– Особено е важно што (северномакедонскиот) национален наратив сега се креира во договор со Грција. Не знам дали Грците се свесни колку голема работа е тоа. Замислете друг сосед да седне и да одлучува со нас како ние ги замислуваме нашата историја и идентитет. Наместо да ги гледаме како ривали, треба да прифатиме дека тие исто така направија големи чекори со овој договор и да им помогнеме – вели Јоанис Армаколас, професор по компаративна политика на универзитетот „Македонија“ во Солун.
Грчкиот парламент на 25 јануари го ратификува Преспанскиот договор со 153 гласа во тристачлениот законодавен дом, што се смета за големо мнозинство според денешните грчки политички стандарди.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го нарече „важен придонес за стабилноста и просперитетот во регионот“. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на Твитер ги поздрави двајцата премиери Ципрас и Заев дека „имале визија, презеле ризик, биле подготвени да ги жртвуваат своите интереси за поголемо добро и дека оствариле невозможна мисија“.
Формулацијата на Преспанскиот договор јасно покажува дека Грција и Северна Македонија ќе станат најдобри пријатели. Двете страни ќе воведат акциски план за разни прашања, како што се транспортот, граѓанската заштита, земјоделството, енергетиката, животната средина, инфраструктурата, инвестициите и одбраната. Исто така ќе формираат совет за соработка на високо ниво што ќе го надгледува тој план. Ваквите амбициозни цели добро изгледаат на хартија, но постојат правни и практични проблеми што треба да се решат. Двете држави ќе формираат заеднички комитет годинава за да дискутираат за заштитните знаци и имињата на брендовите што го содржат името „Македонија“ или „македонски“. Комитетот мора да постигне договор во рок од три години.
– Како што изгледа, договорот не додава вредност, туку ја одзема, затоа што го делиме брендот „Македонија“. На европските потрошувачи нема да им направи голема разлика дали ќе видат „С“ пред тој збор – вели Василис Коркидис, шефот на трговската комора на Пиреја и водечка фигура во грчката трговија.
Коркидис е загрижен дека само 24 грчки компании имаат производи со терминот „Македонија“ во ЕУ, а само две од нив ги имаат заштитено своите производи на меѓународно ниво. Економската динамика наложува брзо решавање на проблемот во интерес на сите. Северна Македонија испраќа над 80 отсто од својот извоз во ЕУ, додека 60 отсто од нејзиниот увоз доаѓа од овој блок. Најсилната трговска врска со блокот е со Грција, која е најголем странски инвеститор во државата уште од крајот на 1990-тите.
Само за време на финансиската криза во 2013 година Грција се најде зад Австрија и во 2016 година зад Британија, која четирикратно ги зголеми инвестициите истата година во државата во развој. Сепак, Грција и понатаму инвестираше над 500 милиони долари во Северна Македонија во 2017 година, што изнесува десет отсто од директните странски инвестиции. Таа го овозможува главниот поморски пристап на Северна Македонија преку Солунското пристаниште, а Грција може сепак да стави вето на влезот во ЕУ на Северна Македонија – оружје што конзервативната опозиција се заканува дека ќе го искористи во иднина.
Грција има уште еден проблем, односно нејзините високи даноци ги зголемија трошоците и ја намалија конкурентноста, затоа што државата се бори да го исплати јавниот долг од речиси 500 милијарди долари. Нејзиниот корпоративен данок изнесува 29 отсто, а минималната плата беше зголемена на 743 долари.
Во Северна Македонија, корпоративниот данок е десет отсто, а просечната плата е околу 454 долари. Поради сето ова, грчките фирми или банкротираат или се селат надвор, повеќето од нив во соседните држави.
Коркидис проценува дека во Скопје има 400 грчки фирми со инвестиции вредни над 1,7 милијарда долари. Комората ја проучуваше прекуграничната трговија. Тој вели дека „откриле трговски дефицит од 574 милиони долари во гориво, земјоделски производи, автоделови, сметководствени услуги, гинеколошки услови, фризери, итн.“.
Заев гледа поинаку на ова. За еден грчки весник неодамна изјави дека „во изминатите десет месеци, трговијата меѓу двете држави се зголемила за 18,7 отсто, главно во корист на Грција“.
– Овие проблеми постоеја и пред договорот, а бизнис-сферата не презеде никакви мерки. Можеби договорот е шанса за фирмите да се брендираат. Фактот што некои фирми можеби сметаа дека условите се подобри надвор од Грција никогаш не се сметаше за аргумент против решавањето на спорот со името. Се работи за тоа каква бизнис-клима може да понуди Грција. Нема да направи никаква разлика ако фирмите избегаат во Албанија или во Бугарија – вели Армаколас.
Политичките прашања и претходно пречеа во трговијата. Грчкиот национален авиопревозник „Еџијан ерлајнс“, го воведе летот Атина – Скопје во 2003 година за да го укине четири години подоцна.
– Чекавме двете држави да ги решат сериозните разлики – вели портпаролката на авиокомпанијата Ставрула Салуци.
Минатиот ноември, „Еџијан ерлајнс“ повторно го воведе летот „откако Скопје го преименува меѓународниот аеродром“, според Салуци. Грција јавно се пожали кога аеродромот беше именуван „Александар Велики“ во декември 2006 г. Како гест на добра волја за повторно почнување на дијалогот со Грција, Заев лани го преименува во „Меѓународен аеродром Скопје“.
– Нашиот впечаток е дека во интерес на Грција е да има повеќе врски со сите држави, дури и со тие со кои има проблематични односи, затоа што подобрувањето на економската врска меѓу двете држави секогаш е од помош – изјави претседателот на грчкиот национален авиопревозник, Ефтихиос Василакис.
Авторот е новинар од Атина